Дедото на најпознатата Албанка се школувал во Белград: Таа ја крие од јавноста историјата на своето семејство и како избегале од Косово
Светски познатата пејачка Рита Ора со години гордо го истакнува своето потекло и се промовира како најгласен амбасадор на својот народ на меѓународната сцена. Сепак, малкумина од нејзините милионски обожаватели ја знаат фасцинантната семејна приказна за нејзиниот дедо Бесим Сахатчиу — признат режисер и интелектуалец кој се образувал во Белград и оставил длабока трага во југословенската кинематографија.
Зад светската поп-ѕвезда стои семејна историја што почнува во Пеќ, минува низ Белград и Загреб, продолжува во Приштина, а потоа, со тешка одлука, завршува во Лондон — како приказна за образование, уметност, бегство, преживување и нов почеток.

Содржина:
Бесим Сахатчиу од Пеќ до Белград, па до Загребската академија во 1971 година
Бесим Сахатчиу е роден на 2 октомври 1935 година во Пеќ, каде што завршил основно образование и гимназија. Неговиот животен пат подоцна го однел во Белград, каде што се запишал на студии по светска книжевност на Универзитетот во Белград.
По отслужувањето на воениот рок, работел како преведувач во реномираната издавачка куќа „Рилиндја“. Љубовта кон уметноста потоа го одвела во Загреб, каде што во 1971 година дипломирал театарска и филмска режија на познатата Академија за театар, филм и телевизија.
Набрзо се вработил во тогашната Телевизија Приштина, режирајќи бројни успешни играни филмови во југословенската продукција, меѓу кои „Ветер и даб“ од 1979 година и „Надојдена река“ од 1983 година.

Документарецот „117“ ја донесе најголемата белградска награда и една куќа со 117 роднини
Најголемиот професионален триумф во српската престолнина Сахатчиу го доживеал во 1978 година, кога на престижниот Фестивал на документарен и краткометражен филм во Белград го освоил Гран-при за документарниот филм „117“.
Ова антрополошко ремек-дело го прикажувало секојдневието на една традиционална косовска фамилија со дури 117 члена кои живееле под еден покрив. Во приказната, главата на семејството не можел ниту да ги запамети сите имиња на своите потомци.
Токму дедото Бесим имал најсилно влијание врз формирањето на Рита. Тој инсистирал таа да го добие името по неговата омилена холивудска дива, славната Рита Хејворт. Пејачката често се присетувала на неговите совети и на љубовта кон филмот што ѝ ја всадил уште како мало девојче, сè до неговата смрт во октомври 2005 година.

Сахатчиу станало Ора за полесно да се изговара во Англија
Нејзиното вистинско семејно презиме всушност било Сахатчиу, од турскиот збор „саатчија“ — часовничар. Подоцна нејзиниот татко Бесник одлучил презимето да го скрати и да го адаптира во Ора, што на албански значи „време“ или „час“, со цел луѓето во Англија полесно да го изговараат.
Рита Ора е родена во Приштина во ноември 1990 година, во образовано и имотно семејство. Татко ѝ бил успешен економист и сопственик на паб, додека мајка ѝ Вера била дипломирана лекарка.
Сепак, со распадот на поранешна Југославија и воените тензии во 1991 година, семејството, со поддршка на дедото Бесим, донело тешка одлука да го напушти родниот крај и како бегалци да замине во Лондон.
Вера без англиски, со три мали деца, келнерка и идeн лекар во NHS
Почетоците во Велика Британија биле крајно исцрпувачки. Мајката Вера, која не знаела англиски јазик, со три мали деца морала истовремено да го учи јазикот, да работи како келнерка и да полага тешки испити за нострификација на медицинската диплома.
За трагедијата да биде поголема, во 2005 година, на 39-годишна возраст, ѝ бил дијагностициран агресивен рак на дојка. Храбрата мајка успеала да ја победи подмолната болест, ја завршила нострификацијата и денес работи како успешен специјалист психијатар во британскиот јавен здравствен систем NHS.
Рита Ора ретко ги споменува сите овие детали во јавноста, но патот од бегалските квартови на Лондон до светските музички сцени е тесно испреплетен со интелектуалното наследство на нејзиниот дедо и нескршливата волја на нејзините родители.

Коментирај анонимно