Неандерталците имале „спални“ и „дневни соби“
Новите археолошки истражувања покажуваат дека неандерталците кои живееле недалеку од денешна Барселона ги уредувале своите живеалишта на многу сличен начин како и современите луѓе. Покрај тоа, овие древни роднини на видот хомо сапиенс (Homo sapiens) очигледно ги одржувале своите простории чисти и уредни, редовно отстранувајќи го отпадот од местата каде што ги извршувале главните дневни активности.
За да дознаат повеќе за нивните домашни навики, археолозите детално го истражиле карпестото засолниште Абрик Романи (Abric Romaní) во Каталонија. Тоа место било населено од нашите изумрени роднини во периодот помеѓу 110.000 и 40.000 години пред нашата ера. Истражувачите открија како древните жители на пештерите го организирале и користеле овој простор, а двете студии се објавени во научното списание „Journal of Paleolithic Archaeology“.

Содржина:
Јужниот дел на Абрик Романи служел како место за отпад од огништата
Во првиот научен труд, антрополозите известуваат дека јужниот дел од карпестото засолниште најверојатно служел како наменски простор за одлагање отпад. Таму биле пронајдени помали купови јаглен и пепел кои не се совпаѓаат со местата каде што се наоѓале древните огништа, што укажува на тоа дека биле одложени таму намерно.
Спротивно на тоа, северниот сектор содржи значително повеќе јаглен, при што најголемиот дел се наоѓа во внатрешноста на самите огништа. Според истражувачите, „ваквата распределба може да се објасни со посебни активности за чистење на огништата, што укажува на редовно одржување на живеалиштето“. Со други зборови, неандерталците од Абрик Романи го собирале изгорениот јаглен од огништата и го пренесувале во посебно определен дел од пештерата, за да не го натрупуваат просторот каде што се палел огнот и каде што престојувале.

Малите огнови биле блиску до карпестиот ѕид, а големите кон средината на засолништето
Второто истражување покажало дека самите огништа биле распоредени така што го делеле засолништето на „спални зони“ и места за заеднички дневен престој. Научниците утврдиле дека огновите кои се наоѓале поблиску до задниот карпест ѕид на пештерата биле помали од оние што биле поставени поблиску до средишниот дел на живеалиштето, а околу нив по правило имало многу помалку камени алатки и животински коски.
Се чини дека помалите огништа покрај внатрешниот ѕид служеле за греење за време на спиењето, додека поголемите огништа подалеку од ѕидот се користеле за готвење, изработка на орудија и други заеднички дневни активности. Оттука, научниците заклучуваат дека за неандерталците огнот не бил само средство за приготвување храна, туку и клучен елемент во организирањето на домашниот и општествениот простор.

„Има јасни паралели со современите логори на ловците-собирачи“
Според авторите на истражувањето, ваквото свесно и планско разделување на живеалиштето на зона за спиење и дневна зона „има јасни паралели со современите логори на ловците-собирачи“ и го надополнува сè подолгиот список на сличности во однесувањето помеѓу неандерталците и современиот човек.
„На тој начин, просторната организација на домот претставува уште еден аспект во кој разликите во однесувањето помеѓу овие две човечки популации биле многу помалку изразени отколку што се сметаше порано“, заклучуваат авторите на студијата.

Коментирај анонимно