Возач од Скопје останал во шок откако кај „Ист гејт“ му пишале 120 евра казна за една прегорена сијаличка: Тој раскажува што точно се случило, а што вели законот?

Секој возач барем еднаш се нашол во ситуација среде возење да му прегори сијаличка на фарот без воопшто да забележи во истиот миг. Но, за еден скопски возач, токму тој чест дефект завршил со прилично солена прекршочна казна од 120 евра, што поттикна лавина од коментари и спротивставени мислења откако тој го сподели своето искуство на социјалните мрежи.
Неговата објава отвори важна дилема што ги засега сите македонски возачи: колкава е всушност казната за прегорено светло, според кој закон полицијата ги санкционира ваквите случаи и дали е воопшто можно денес да се смени сијаличка насред пат?

„Ме натераа да излезам од автомобилот“ пред трговскиот центар во Скопје

Како што раскажува револтираниот возач во својот пост на социјалните мрежи, тој бил сопрен од сообраќајна патрола во близина на трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, по што полицајците веднаш му укажале на неисправниот лев фар.
„Денеска кај ‚Ист гејт‘ ме сопреа двајца полицајци, ме натераа да излезам од автомобилот и ми покажаа дека левиот фар ми е прегорен. Веднаш ми пишаа казна од 120 евра, со можност да платам половина (60 евра) во рок од осум дена. Кога дојдов дома, пребарував низ законите и видов дека сумата од 120 евра не ја пишува никаде за возење со исклучени или прегорени фарови. Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата пишува дека казните се 15 евра ако ве запрат преку ден и 35 евра ако ве запрат ноќе. За прегорено едно светло ова ми е премногу, а воопшто не бев ни забележал дека ми е прегорено“, напиша возачот во својот пост.
Тој дополнително објаснува дека возел низ осветлени градски улици и булевари каде што од силното улично осветлување од внатрешноста на кабината речиси и не може да се забележи дека свети само едниот фар:
„Цел живот возам по пропис и немам никаков прекршок сè досега. Јасно ми е да ми пишеа 35 евра, ама 120 евра е премногу за сијаличка што може и патем во возење да ти прегори. А дури и да забележев, какви опции имам? Да застанам и сам да ја менувам во моментот насред улица? Пред неколку години кога бев да ми сменат сијаличка, мајсторот во сервис се изнамачи додека ја замени.“

„Ме натераа да излезам од автомобилот“ пред трговскиот центар во Скопје

Разликата меѓу 35 и 120 евра е во член 42 од Законот за возила

Во дискусијата под објавата на социјалните мрежи веднаш се вклучија поискусни возачи и правници кои ја разјаснија дилемата зошто полициските службеници изрекле глоба од 120 евра наместо вообичаените 15 или 35 евра.
Имено, помалите глоби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се однесуваат само на случај кога фаровите на автомобилот се целосно исправни, но возачот заборавил да ги вклучи. Кога сијаличката е прегорена и не функционира, прекршокот се третира по сосема друг закон и член.
„Едно е управување на исправно возило без да ти се вклучени светлата, а сосема друго е возење на технички неисправно возило. Казната од 120 евра е дефинитивно за технички неисправно возило според член 42 од Законот за возила. Тоа е тоа, плати си 60 евра во рок од осум дена и нека биде лекција за друг пат“, му објасни еден од учесниците во дискусијата.
Друг коментатор посочи дека според строгите законски одредби за техничка неисправност, возачот дури и добро поминал: „Не ги бранам полицајците, ама да не забележиш прегорено светло е неодговорно и небезбедно. Среќа не погодил некој уште построг полицаец кој по закон може да му ги одземе таблиците и да го испрати на вонреден технички преглед, туку поминал само со парична казна.“

Едни бараат опомена, други велат дека едно светло е опасност на патот

Случајот ги подели граѓаните на два табора. Едни сметаат дека секое возење со едно светло претставува сериозна опасност на патот и дека прогледувањето низ прсти води кон сообраќаен хаос, додека други истакнуваат дека за ситен дефект што може да се случи во движење полицијата треба прво да изрекува опомена.
„Може сред возење да прегорело, не може да се забележи веднаш. Реално треба да ти дадат опомена и да проверат дали имаш резервна сијаличка, па ако имаш да ја смениш и тоа е тоа. Вака делува престрого, бидејќи не убил човек“, коментира еден граѓанин.
Кога еден од коментаторите забележа дека секој возач е должен да носи комплет резервни сијалички во автомобилот и дека „сијаличка се менува за пет минути без никаков алат“, веднаш уследија аргументирани одговори за реалноста кај современите автомобили.
На крајот од дебатата, заклучокот на искусните возачи е јасен: иако казната од 120 евра, односно 60 евра при брзо плаќање, звучи драконски за една обична сијаличка, законот секој неисправен фар го третира како технички неисправно возило во сообраќајот. Затоа редовната проверка на светлата пред тргнување останува единствениот начин да се избегне ваков неочекуван удар по џебот.

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

  • Глоба напиша:

    Во Италија полицијата ќе те заустави и ќе ти каже да си ја смениш сијаличката на првиот паркинг и нема казна. Можеби во тој момент се расипала. Ако немаш резервна сијаличка ќе си платиш казна.

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *