Татко му го криел меѓу гуми за да го внесе во боксот, а денес е ѕвезда на Формула 1: Неверојатната приказна на Кими Антонели
Италијанскиот автомобилски феномен Андреа Кими Антонели испиша нова златна страница во мото-спортот, станувајќи најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1 на возраст од само 20 години.
Момчето кое уште како новороденче било носено во механичарска гаража за да ги слуша звуците на моторите, а како седумгодишник татко му морал да го шверцува скриен под куп тркачки гуми за да ѕирне во падокот, денес е на врвот на светот.

Содржина:
Марко Антонели го однел бебето старо 15 дена меѓу бензин и издувни гасови
Андреа Кими Антонели е роден на 25 август 2006 година во Болоња. Неговиот татко Марко Антонели, и самиот поранешен тркач и сопственик на тимот АКМ Моторспорт, уште од првиот миг го насочил синот кон брзините.
„Мојот син практично е роден во гаража. Го однесов таму кога имаше само 15 дена за да го почувствува мирисот на бензинот и издувните гасови“, отворено раскажува неговиот татко.
Иако многумина веруваат дека името Кими го добил по легендарниот фински шампион Раиконен, вистината е поинаква – главен спортски идол на младиот Италијанец отсекогаш бил непрежалениот Аиртон Сена.

На Хокенхајм во 2014 година исчезнал под тркачки гуми и чадор
Првиот контакт со трките Антонели го имал на пет и пол години во картинг, а веќе на осум години знаел дека тркањето ќе биде неговата животна судбина.
Една од најневеројатните семејни анегдоти датира од патеката Хокенхајм во Германија. Бидејќи седумгодишниот Кими немал официјална дозвола за влез во строгиот бокс на Формула 1, неговиот татко го пикнал во количка за алати, го покрил со тркачки гуми и чадор и така тајно го прошверцувал во гаражите.

Гвен Лагри го забележал токму кога семејниот буџет веќе попуштал
Кога трошоците на мото-спортот станале преголем товар за семејството, талентот на момчето го забележал главниот скаут на Мерцедес, Гвен Лагри. Во 2019 година, на само 12 години, Антонели официјално стана стипендист на германскиот гигант.
Ниту еден возач во модерната ера немал толку фуриозен пробив. Во 2022 година ги освои титулите во германската и италијанската Формула 4, а следната година доминираше во Формула Регионал. Прескокнувајќи ја Формула 3, Мерцедес експресно го префрли во Формула 2, за по само една сезона да му ја додели најжешката позиција во светот – местото на седумкратниот шампион Луис Хамилтон, кој замина во Ферари.

Од 19. место во Монца до запечатена титула во Мексико
По дебитантската сезона со три подиуми, во 2026 година експлодираше неговата шампионска класа.
На култната трка во Монца приреди невиден подвиг – стартуваше од 19. место и победи пред домашните навивачи, за на трката во Мексико математички да ја запечати светската титула, претворајќи се во најмладиот планетарен владетел во историјата на „најбрзиот циркус“.

Коментирај анонимно