Македонците во Австралија издејствуваа: Сонцето од Кутлеш ќе се вее на парадата во Мелбурн. Грците веднаш се заканија со бојкот
Македонската заедница во Мелбурн извојува значајна историска и морална победа по повеќемесечниот вжештен спор околу правото на истакнување на знамето со 16-кракото Сонце од Кутлеш. Градските власти на Мелбурн официјално се извинија и ги прифатија сите клучни препораки, со што за претстојната мултикултурна парада Мумба во 2027 година македонските културно-уметнички друштва ќе можат да маршираат со својот препознатлив вековен симбол.

Содржина:
Во март 2026 година македонските друштва едногласно се повлекоа од Мумба
Одлуката на градските власти претставува пресвртница по неправдата од март 2026 година. Тогаш градските организатори, под политички притисок, донесоа скандалозна директива со која забранија носење на знамето со Сонцето од Кутлеш, барајќи исклучиво официјални државни обележја. Македонците во Австралија цврсто порачаа дека нема да настапат без симболот што го сметаат за неделив дел од својот национален и духовен идентитет.
Град Мелбурн прифати девет препораки по независниот преглед
По повеќемесечен интензивен дијалог со македонските иселенички организации и спроведениот темелен независен преглед, Град Мелбурн упати формално извинување за создадената непријатност. Градските татковци официјално ги прифатија сите девет препораки од извештајот, кои предвидуваат заштита на правото на автентично културно изразување на етничките заедници и почитување на нивното историско наследство.
За македонските иселеници во Викторија и во цела Австралија, официјалната потврда за враќањето на знамето претставува момент на голема гордост и доказ дека принципиелноста и единството носат правда.
Грчките здруженија најавуваат бојкот на фестивалот во 2027 година
Додека Македонците со нетрпение се подготвуваат за враќањето на градските улици, одлуката веднаш предизвика бурна реакција и незадоволство кај грчките здруженија во Мелбурн.
Според информациите објавени во австралиските медиуми, претставници на грчката заедница веќе најавуваат бојкот на фестивалот Мумба во 2027 година, револтирани што на македонските играорци повторно ќе им биде дозволено слободно да го веат Сонцето од Кутлеш.
Со ова, фестивалот Мумба 2027 добива далеку пошироко значење од обичен културен настап, ставајќи го на тест австралискиот демократски модел за почитување на човековите права и слободата на сопствената традиција на секој народ.

Коментирај анонимно