„Живеев во секта од 7 до 22 години, не смеевме да се гледаме во огледало, ниту да флертуваме“: Глен Клоуз откри детали од своето необично детство
Легендарната актерка Глен Клоуз беше наградена на 17-тата церемонија на Governors Awards во Лос Анџелес со почесен Оскар. Дека ова високо признание ќе ѝ припадне токму нејзе беше соопштено уште во јуни оваа година.
На сцената, додека ја примаше златната статуа, Клоуз беше видно емотивна. Наместо само благодарност, таа ја отвори приказната за детството што долго го носела во себе.

Содржина:
- Огледалата, флертот, облеката и говорот биле дел од правилата што ја следеле до 22. година
- Ени Старк доби посвета во говорот на мајка која 43 години доаѓала на Оскарите како номинирана
- Осум номинации без победа ја изедначија со Питер О’Тул
- Мајкл Даглас за Fatal Attraction рече „една од најдобрите актерски изведби на сите времиња“
Огледалата, флертот, облеката и говорот биле дел од правилата што ја следеле до 22. година
Славната актерка се присети на своето детство и отворено проговори за растењето во специфична заедница, која ја опиша како строг култ:
„Многу ми е тешко да сфатам дека го добив ова признание бидејќи, вистината е, секогаш се чувствував како аутсајдер. Од седмата до 22. година бев под контрола на многу строг култ. Не смеевме да се гледаме во огледало или да флертуваме, моравме да се облекуваме и да зборуваме на точно одреден начин и да се преправаме дека сè е во ред, додека нашите родители редовно беа испраќани со месеци далеку од домот. Поради тоа секогаш се чувствував како набљудувач, а не како вистински член на општеството“.

Ени Старк доби посвета во говорот на мајка која 43 години доаѓала на Оскарите како номинирана
Според пишувањето на магазинот The Hollywood Reporter, Клоуз наградата ѝ ја посвети на својата ќерка Ени Старк (38), а за време на говорот се осврна и на своите претходни номинации за Оскар:
„Како аутсајдер, никогаш вистински не размислував за освојување на наградата, иако неколку години верував дека имам шанси.“
Потоа додаде:
„Отсекогаш сметав дека е огромна чест самото тоа што сум таму. Во изминатите 43 години, бев на доделувањето на наградите осум пати како номинирана актерка. Затоа, најголемата чест што можам да ја имам е да бидам овде вечерва, опкружена со луѓе кои секогаш ме инспирирале и чија работа ми даваше сила и ме туркаше да бидам подобра“, порача таа.

Осум номинации без победа ја изедначија со Питер О’Тул
Покрај Глен Клоуз, почесен Оскар им беше доделен и на режисерот Ридли Скот, аниматорот Флојд Норман и продуцентките Кристин Вашон и Памела Кофлер.
Откако претходно беше соопштено дека познатата актерка конечно ќе добие златна статуа, реакциите на јавноста беа поделени. Едни беа воодушевени, а други истакнуваа дека оваа холивудска легенда одамна требало да го добие регуларниот натпреварувачки Оскар на годишната церемонија на Американската филмска академија.
Со осум номинации во кариерата, Клоуз е изедначена со Питер О’Тул како актер со најмногу номинации без ниедна победа во натпреварувачка категорија. Да потсетиме, О’Тул во 2003 година исто така доби почесна награда за животно дело.
Клоуз низ кариерата беше номинирана за улогите во филмовите The World According to Garp, The Big Chill, The Natural, Fatal Attraction, Dangerous Liaisons, Albert Nobbs, The Wife и Hillbilly Elegy. Годинава ќе ја гледаме во најновото продолжение The Hunger Games: Sunrise on the Reaping.

Мајкл Даглас за Fatal Attraction рече „една од најдобрите актерски изведби на сите времиња“
Интересно е што и за Ридли Скот оваа почесна награда претставува прв Оскар во кариерата, иако трипати беше номиниран за најдобра режија за Thelma & Louise, Gladiator и Black Hawk Down, како и за најдобар филм за The Martian.
Неодамна, нејзиниот колега од култниот трилер „Фатална привлечност“, Мајкл Даглас, во популарната емисија на Греам Нортон изјави дека познатата актерка апсолутно морала да добие Оскар за таа улога. Наградата во 1988 година ѝ припадна на Шер за улогата во „Moonstruck“. Даглас ја опиша глумата на Глен Клоуз во трилерот како „една од најдобрите актерски изведби на сите времиња“.
Клоуз со насмевка се пошегува на сопствена сметка: „Малку ми е жал што ја прекинувам мојата рекордна серија на порази“, рече таа, додавајќи дека Американската филмска академија веројатно „повеќе не сакаше да чувствува вина“.


Коментирај анонимно