Огромен историски чекор за МПЦ-ОА – Рускиот патријарх за првпат ги прими македонските владици како црква со законска автокефалија

Во патријаршиската резиденција во Даниловскиот манастир во Москва, на 20 ноември, се одржала средба што за Македонската православна црква – Охридска архиепископија има тежина што оди подалеку од протоколот.
Рускиот патријарх Кирил ја примил македонската црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј. Во составот на делегацијата бил и епископот Хераклејски Климент.
Клучниот момент на средбата бил фактот што македонските владици во Москва биле примени како претставници на Црква со признаен автокефален статус.

Огромен историски чекор за МПЦ-ОА - Рускиот патријарх за првпат ги прими македонските владици како црква со законска автокефалија

Кирил ја отвори средбата со „сме Словени“ и поздрав до архиепископот Стефан

Обраќајќи им се на гостите, рускиот патријарх ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви. Тој нагласил дека ги поврзуваат кирилометодиевската традиција, јазичната блискост и можноста за заедничка молитва и разговор.
„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да разговараме за нашите билатерални односи. Посебно сакам да го поздравам архиепископот Охридски и Македонски Стефан, на кого му посакувам здравје и крепост во вршењето на неговата висока служба“, рекол Кирил.

Кирил ја отвори средбата со „сме Словени“ и поздрав до архиепископот Стефан

„За првпат присуствувате како делегати на Македонската црква“

Патријархот Кирил посебно се осврнал на историското значење на оваа посета за православниот свет и за македонската црква.
Во неговата изјава, најсилно одекнува признанието дека македонските претставници овојпат не се примени само како гости, туку како делегати на помесна црква со законска автокефалија.
„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјавил рускиот патријарх.
Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Кирил оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија успешно се развиваат и имаат потенцијал за натамошно зближување.

„За првпат присуствувате како делегати на Македонската црква“

Георгиј дошол „како пратеник“ на архиепископот охридски и македонски Стефан

Митрополитот Георгиј, од своја страна, истакнал дека македонската делегација престојува во Москва како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан. Нивната задача била да ги пренесат неговите честитки по повод јубилејот на рускиот патријарх.
„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителскиот крст. Со радост ви пренесуваме дека православниот македонски народ секогаш ве памети во своите молитви“, рекол митрополитот Георгиј.

Георгиј дошол „како пратеник“ на архиепископот охридски и македонски Стефан

Пред дваесет години македонски студенти заминале во руски духовни училишта, денес предаваат во Скопје

Во разговорот, митрополитот Георгиј изразил благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на статусот на Македонската православна црква и при доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.
Тој потсетил и на можноста што пред дваесет години им била овозможена на македонските студенти да се образуваат во духовните училишта во Русија. Дел од тие луѓе денес се професори во скопската Богословија и на Богословскиот факултет.

Пред дваесет години македонски студенти заминале во руски духовни училишта, денес предаваат во Скопје

Икона на Кирил и Климент за патријархот, панагии и напрсен крст за македонските владици

Македонската делегација на патријархот Кирил му подарила икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.
Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст. На митрополитот Георгиј и на епископот Климент им подарил панагии.
Средбата била дел од серијата билатерални разговори што Кирил ги одржал со претставници на помесните православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80. роденден во Москва.

Икона на Кирил и Климент за патријархот, панагии и напрсен крст за македонските владици

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *