Американски политичар прогласен за „рептил“ поради бизарно движење на очите пред камерите
Необична видеоснимка од прес-конференција во Њујорк за кратко време се претвори во планетарен хит на социјалните мрежи. Во центарот на вниманието се најде американскиот политичар Џордан Рајт, откако едно негово несвесно движење пред вклучените камери предизвика лавина од шеги, но и сериозни тврдења дека е „рептил“, вонземјанин или демон.

32-годишниот Џордан Џеј-Џи Рајт стоел зад говорникот за време на прес-конференција за затворот на островот Рајкерс
Рајт е демократски пратеник во Собранието на сојузната држава Њујорк. Инцидентот се случил додека стоел директно зад говорникот на официјална прес-конференција посветена на затворот на островот Рајкерс.
На снимката со висока резолуција јасно се гледа како Рајт прво благо се насмевнува, трепнува, а потоа ги превртува очите високо нагоре на крајно необичен начин. Во тој момент зениците речиси целосно исчезнуваат и се гледа само белката.
„Немам апсолутно никаква претстава што точно се случува на таа снимка“
Видеото за само неколку часа собра десетици милиони прегледи на Икс, ТикТок и Редит. Најголем дел од корисниците се шегуваа дека во Вашингтон конечно се откриле „луѓето-гуштери“, но дел од следбениците на теории на заговор беа сосема сериозни во тврдењата дека станува збор за нечовечко суштество во човечка кожа кое доживеало краток „дефект“ во камуфлажата.
Поради огромниот медиумски интерес, за случајот јавно се огласи и самиот Рајт. Во изјава за „Њујорк пост“, низ смеа ги отфрли шпекулациите за неговото вонземско потекло.
„Немам апсолутно никаква претстава што точно се случува на таа снимка. Навистина не сум сигурен зошто очите ми изреагирале така во тој момент“, изјави Рајт за Њујорк пост, додавајќи: „Очигледно е дека сум живо човечко суштество. Мојата човечност најдобро се гледа низ законите што ги носам за граѓаните, како што е обезбедувањето четири милиони долари за центарот за еколошка правда во Харлем. За рептили и вонземјани навистина не можам да коментирам“.
Неговото рационално објаснување е дека најверојатно станува збор за замор од силните рефлектори и камери. Но снимката продолжува да се споделува како пример за тоа колку брзо интернетот може од еден обичен несвесен тик да создаде вирален мит за меѓугалактички заговор во срцето на њујоршката политика.

Коментирај анонимно