Една едноставна промена во исхраната може да ги намали скоковите на шеќерот во крвта за 27%
Луѓето со преддијабетес имаат повисоко ниво на гликоза во крвта од нормалното, но една промена во секојдневната исхрана може значително да помогне. Во неодамнешно клиничко испитување, кога рафинираниот бел леб бил заменет со интегрален пченичен леб, истражувачите забележале јасна промена кај учесниците: во просек, скоковите на шеќерот во крвта биле за 27 проценти помали.

Содржина:
„Храната навистина е лек во многу аспекти“
Кај дел од учесниците подобрувањето било големо, додека кај други ефектот бил поблаг. Сепак, вкупниот резултат останал статистички значаен и кога истражувачите ги зеле предвид разликите во телесната тежина, воспаленијата, концентрацијата на инсулин и клеточниот стрес.
Резултатите, објавени во списанието „Frontiers in Nutrition“, ја потврдуваат идејата дека преддијабетесот може успешно да се контролира со здрави навики во исхраната.
„Храната навистина е лек во многу аспекти“, изјави професорот по нутриционизам Џијангџијанг (Крис) Жу од Државниот универзитет во Охајо.
Тој и неговите колеги претпоставуваат дека некои луѓе се „супер-реагирачи“ на интегралниот леб, а причината лежи во уникатниот состав на нивниот цревен микробиом.

39 возрасни лица јаделе два вида леб, со двонеделна пауза меѓу нив
Во рандомизираното контролирано испитување учествувале возрасни лица со преддијабетес, чија исхрана била целосно контролирана и се разликувала само по еден елемент. Две недели јаделе интегрален пченичен леб или рафиниран бел леб, а по двонеделна пауза ги замениле улогите.
Иако интегралниот леб не ја променил вкупната разновидност на цревната флора, значително го зголемил присуството на одредени корисни бактерии што ги разградуваат сложените јаглехидрати и влакна.
Lachnoclostridium открила кај кого белиот леб прави поголем проблем
Истражувачите утврдиле дека учесниците со поголемо присуство на бактеријата Lachnoclostridium на почетокот на студијата имале полоша толеранција на гликоза при јадење бел леб, но покажале значително подобрување кога преминале на интегрален леб.
„Овие наоди го поддржуваат интегралното жито како ефикасна стратегија во исхраната за подобра контрола на шеќерот во крвта по оброк кај лица со зголемен ризик од дијабетес тип 2“, заклучуваат авторите на студијата.

Коментирај анонимно