Направено е првото видео во живо од најдлабокиот океански ров на Земјата

Најдлабоките делови на океанот се едни од најмалку истражуваните места на Земјата, но една кинеска подморница успеа да му даде на светот фасцинантен поглед, со емитување на првиот пренос во живо од Маријанскиот ров.

Подморницата со екипаж „Фендуже“ носеше тројца истражувачи на 10.000 метри под вода до дното на најдлабоката точка во Ровот, кој лежи во западниот пацифички океан, емитувајќи го своето патување на патот надолу.

На 10.909 метри под нивото на морето, ровот е подлабок од високиот Монт Еверест, па не е изненадувачки што само неколку луѓе некогаш успеале да стигнат до дното. Првата експедиција со екипаж се случи во 1960 година, а дури над 50 години подоцна, филмскиот режисер Џејмс Камерон стана втората личност што ги посети најмистериозните делови на нашата планета.

Оттогаш, лансирани се уште неколку мисии до длабочините, но „Фендуже“ е првата подморница која направила пренос во живо.

„Фендуже“ која е опремена и со роботски краци за да собира примероци од морското дно, се користи за набудување на „многуте видови и дистрибуција на живи суштества на морското дно“. Научниците му соопштија на кинескиот државен радиодифузер CCTV дека Ровот е полн со живот, вклучително и заедници на едноклеточни организми кои се хранат со органски отпад, иако немало ни трага ниту глас од мистериозните огромни суштества за кои многу веруваат дека се наоѓаат на дното од овој ров.

Подморницата направи повеќе нуркања во текот на неколку недели, пред да се врати на пристаништето во провинцијата Хаинан за време на викендот. Постигнувајќи ја најниската точка на ровот – наречена „Челинџер длабочина“ – екипажот постави национален рекорд и само за малку го промаши светскиот рекорд на 1.927 метри, поставен од двајца американски истражувачи минатата година.