Човеков до сега потрошил 150.000 фунти на Монопол, но не сака да го игра

Монополот е омилена игра на многумина ширум светот, но овој човек негува една поинаква љубов кон играта. Тој е горд сопственик на 3.029 комплети од играта, за што потрошил вртоглава сума од 150.000 фунти, за да ја состави најголемата колекција на светот. Напорите на Нил Скалан се неверојатни, особено затоа што тој дури и не сака да игра друштвени игри и никогаш не ги отвора оние што ги купува.

51-годишниот менаџер за извоз од Кроули, Западен Сасекс, Англија, своето хоби го започнал во 2005 година со купување на локална верзија од играта, како сувенир од Нов Зеланд. Така тој започнал да купува по еден монопол од секаде каде што ќе отпатувал.

Нил вели дека е невозможно да се купи секој сет бидејќи има повеќе од 10.000 различни комплети во светот, но тој дава се од себе и купува скоро секој ден.

Игрите чинат од 30 до 75 фунти. Најскапиот монопол што го купил Нил бил милионитото издание, а чинел 400 фунти.