На „Тик ток“ се појавиле предизвици за самоповредување: МВР и Интерпол предупредуваат родителите да внимаваат на своите деца
Тик ток е социјална платформа која покрена многу дискусии за содржината која се пласира. Минатата година во септември загриженост предизвика видео од возрасен маж кој си го одзема животот, а сега Интерпол предупредува дека на платформата кружат повици за самоповредување на малолетни лица.

„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа „Тик Ток“ во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица. МВР апелира до граѓаните, особено до родителите да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи. Спорeд досегашните сознанија, вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но апелираме на будност и надзор со цел да се избегнат било какви несакани случувања.“, велат од министерството за внатрешни работи.
Стравот во светот за Тик ток порасна откако беше откриена локална Тик ток група во Русија каде што се огранизирало масовно самоубиство на млади лица. Наводно масовното самоповредување било закажано за 3-ти март, но нема повеќе информации за тоа дали и како е спречен овој немил настан.
Социјалните мрежи можат да бидат многу „опасен терен“ за малолетниците со кои манипулацијата е полесна. Затоа секој родител треба да биде свесен за тоа во каков „свет“ живеат неговите деца со цел да се избегнат трагедии од ваков тип.
