Амбициозни студенти од Куманово снимија долгометражен филм во услови на пандемија

2020 година предизвика многу луѓе да се откажат од своите соништа, но ова не важеше за една група на млади луѓе кои одлучија да се изборат за она што го сакаат. Николај Павловски, кој студира во Русија во партнерство со Марко Јовановски и десетици млади, го снимија долгометражниот филм „Приказ“. Поставивме неколку прашања и добивме интересни одговори од Николај на оваа тема, но првин да се „запознаеме“ со филмот.

Филмот кој трае 150 минути е снимен за време на пандемијата со сите ограничувања, дозволи и мерки на претпазливост, но од екипата велат дека ова го направило искуствто да биде поуникатно. Станува збор за психолошки трилер драма кој се случува во време на пандемија.

Филмската клапа е составена од 20 глумци и од уште 20 лица во продукција. „Приказ“ е сниман на повеќе локации низ Куманово, Крива Паланка, Охрид и Струга и во околините на овие градови. Иако финансирани само од општината Куманово, овие млади луѓе професионално си ја извршиле задачата во креирање на филмот. „Приказ“ има своја авторска музика која ја направил Јован Цветковиќ и авторски песни чиј автор е Јаков Мициќ, познат под уметничкото име Керала.

На прашањето како дојдоа до толку „храбра“ идеја да креираат ваков филм со амбициозни студенти во филмската екипа Николај Павловски ни одговори:

„Идејата за снимање филм и впуштање во таков проект дојде сосема спонтано. Водевме еден разговор преку телефон јас и Марко Јовановски и буквално додека зборувавме дојдовме до смислување на кратка приказна која подоцна ни беше водич за пишување сценарио. Се разбира јас и мојот колега, Марко неколку години се занимаваме со аматерски филм, меѓутоа сега се решивме на ваков поголем и решителен чекор, да изработиме долгометражен игран филм.“

„Самото тоа дека долгометражни филмови кај нас не се прават многу често, а и луѓето избегнуваат да прават долгометражни филмови беше предизвик, но и поттик да се решиме на таков чекор. Нашите домашни филмови најголем дел нудат историска и политичка тематика, а на луѓето им е доста од тоа. Сакаат да видат нешто ново, сакаат свежина нешто „странско“; „европско“ или ако сакате „американско“, а сепак да биде наше. Мислам дека овој филм по самиот свој жанр: трилер, мистерија, драма нуди такво нешто.“, додава Павловски.

Дел од филмот е снимен за време за пандемијата. Како се справивте со овој предизвик?

„Уште поинтересно е дека филмот е снимен за време на пандемија, но и самото дејство внатре во филмот се случува за време на пандемијата. Ова беше дополнителен предизвик за снимање, сепак ги испочитувавме мерките колку што беше можно повеќе и затоа ниту еден од екипата не беше заразен за време на снимањето и месец дена после истото.“

Бидејќи целиот тим е од Куманово дали во филмот се зборува на дијалект и која е причината зад оваа одлука?

„Филмот е снимен со мултиетничка екипа од Куманово, на различни локации низ самата општина, но и Крива Паланка, Охрид и Струга. Се зборува на кумановски дијалект и причината зошто е донесена оваа одлука е за да биде поавтентично заради самото дејство во филмот бидејќи и тоа се случува во Куманово.“

Што очекувате од овој филм?

„Од сето ова на крајот очекувам да се внесе некоја промена, да се излезе од рамките кои се веќе поставени и да се разбијат одредени табуа. Но како резултат очекувам и младите луѓе се почесто и посмело да се одважат да творат и создаваат културно во секоја смисла на зборот во целата држава, а се разбира најмногу моите кумановци бидејќи има многу потенцијал кој треба да се искористи, оти само така општеството може напред.“

Се надеваме дека ова ќе биде само почеток на идните успеси на овие млади и амбициозни луѓе.