Американската секретарка за домашна безбедност објави видео од внатрешноста на „најлошиот затвор на Земјата“ и испрати остра порака до нелегалните имигранти
Американската секретарка за домашна безбедност, Кристи Ноем (53), испрати остра порака до „криминалните нелегални имигранти“ во САД за време на нејзината посета на бруталниот мегазатвор во Ел Салвадор.
Ноем во средата (26 март) сподели застрашувачко видео од внатрешноста на злогласниот Центар за затворање на терористи (CECOT) на социјалните мрежи.
Во овој максимално обезбеден затвор неодамна беа испратени повеќе од 250 осомничени членови на банди по наредба на претседателот Доналд Трамп, кој овој месец контроверзно го активираше Законот за непријателски странци од 1798 година.
Овој закон, првично донесен за борба против странска шпионажа во воени времиња, му дава овластување на претседателот да задржи или депортира државјани на непријателска нација без можност за судење пред имиграционен или федерален судија. Иако првенствено бил наменет за време на војни, истиот може да се примени и против имигранти – дури и ако не се осудени за никакво кривично дело.
Во видеото кое го сподели на Инстаграм, Ноем изјави: „Денес сум во CECOT и прво сакам да му се заблагодарам на Ел Салвадор и нивниот претседател за партнерството со САД во приведувањето на нашите терористи и нивното затворање за да се соочат со последиците од насилството што го направиле во нашите заедници.”
„Сакам сите да знаат дека ако влезете во нашата земја нелегално, ова е една од последиците што може да ве снајде. Немојте да доаѓате нелегално! Ќе бидете депортирани и гонети. Знајте дека овој затвор е една од алатките што ќе ги користиме ако направите злосторство против американскиот народ“.
Во описот на објавата, Ноем нагласи дека таа и Трамп имаат јасна порака до „криминалните нелегални имигранти“: „Одете си веднаш!“
Таа дополнително додаде: „Ако не заминете, ќе ве најдеме, ќе ве уапсиме и може да завршите во овој затвор во Ел Салвадор“.
За време на посетата, Ноем се сретна со претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, кој го отвори затворот во февруари 2023 година како дел од неговата жестока акција против криминалот. Затворениците во оваа установа се принудени да следат строги и нехумани правила, живеат на минимална исхрана и постојано се под закана од ставање во застрашувачка самница.
По договорот за затворот што беше постигнат во февруари, државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека секој кој треба да биде депортиран од САД може да биде испратен во CECOT.
Рубио нагласи дека дури и американски државјани и легални жители кои моментално се во затвор во САД можат да бидат испратени во оваа максимално обезбедена установа.
Претседателот Букеле исто така го потврди овој план, изјавувајќи дека Ел Салвадор ѝ понудил на САД можност да „аутсорсира“ дел од својот затворски систем.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно