Античка пирамида стара над 1000 години се сруши во Мексико: „Ова може да е знак за нешто лошо!“
Една древна пирамида се урна, предизвикувајќи загриженост кај локалното население дека купот урнатини може да биде знак за нешто лошо.
Камената пирамида, лоцирана во Ихуатсио, во мексиканската држава Мичоакан, неочекувано се сруши откако беше изложена на постојани дождови. Јужниот ѕид на монументот целосно се урна, претворајќи се во куп урнатини.
Пирамидата, висока 15 метри, важеше за еден од најдобро зачуваните сведоци од древното Кралство Мичоакан. Таа беше дел од археолошки комплекс кој вклучуваше уште една пирамида, кула и гробници. Областа првично била населена од народи кои зборувале нахуатлски пред 1.100 години, а подоцна станала седиште на народот Пурепеча – единствената империја која Ацтеките не успеале да ја освојат.
„Иако е оштетена само една пирамида, најмалку шест од нејзините „степенести тела“ се сега во лоша состојба, вклучувајќи го надворешниот ѕид, јадрото и потпорниот ѕид“, изјави претставник од Националниот институт за антропологија и историја (ИНАХ) на Мексико.
Тариакуири Алварез, кој се идентификува како припадник на племето Пурепеча, изјави дека неговите предци ќе го протолкуваат уривањето на пирамидата како „лош знак“. Во објава на Фејсбук, Алварез потсети дека сличен настан се случил пред доаѓањето на странските освојувачи во Мексико, што, според него, било знак на незадоволство од боговите.
Меѓутоа, ИНАХ инцидентот го припиша на екстремните временски услови. Последниве две години, Мексико е погодено од најголемата суша во последните 30 години, која доведе до исушување на неколку езера. Во јули, земјата беше зафатена од силни дождови и бури. Во изјава, ИНАХ објаснија: „Високите температури, забележани претходно во регионот, и последователната суша предизвикаа пукнатини кои овозможија навлегување на вода во внатрешноста на предхиспанската градба“.
Сега, властите работат на обновување на пирамидата, изјавувајќи дека тоа ќе биде „во корист на културното наследство на Мексиканците“.
Коментирај анонимно