Беше една од најубавите жени, имаше дури осум големи љубови, а една ја чинеше сѐ!
Француската актерка и пејачка Изабел Аџани, која некогаш беше позната како една од најубавите и најталентираните актерки, јавноста одамна немаше можност да ја види никаде, се до деновиве кога се појави на моден настан во Париз.

66-годишната Изабел се појави на ревијата на Диор, која ја следеше од првиот ред во друштво на младата актерка Ања Тејлор-Џој. Таа носеше долг црн капут, а лицето и косата ги сокри под темни очила и шал.

Изабел се прослави со улогата во филмовите „Кралица Марго“, „Приказна за Адел Х“, „Носферату: Фантом на ноќта“, „Дијаболик“ и други, а благодарение на нејзината егзотична убавина набрзо стана меѓународна ѕвезда. Во текот на кариерата има освоено бројни признанија и награди за нејзината работа и на европски и на холивудски филмови, но никогаш не сакала да го споделува својот приватен живот со јавноста и фановите.

Нејзината животна приказна изгледа исто како филм, почнувајќи од раното детство обележано со сиромаштија во предградијата на Париз. Таткото на актерката бил строг и конзервативен имигрант, кој ја принудувал постојано да учи и ѝ забранувал да го гледа својот одраз во огледалото. Поради ова, таа морала да оди на терапија неколку години за да научи да ја прифаќа сопствената убавина, што и самата открила во едно од интервјуата. Животот на Изабела се променил кога имала 14 години и кога била забележана на париските улици од филмски агент, со кој ја започнала нејзината успешна кариера.

Причината за криењето на деталите од приватниот живот можеби лежи во тоа што убавицата водеше крајно турбулентен љубовен живот кој беше крунисан со еден брак, но всушност со дури осум големи љубови.

Моментално е сингл, но од 2002 до 2004 година беше свршена за Жан Мишел Жар, во 2008 година беше во врска со Тонин Какаче, пред тоа четири години беше вљубена во Стефан Делажу, а времето го поминуваше со Даниел Деј Луис од 1989 до 1994 година, со Ворен Бити од 1986 до 1987 година. Во 1983 година, таа беше со Серж Гејнсбур, а пред него ги сакаше Бруно Нитен и Дејвид Роксавиџ.

Најмногу трага од неа остави врската со Даниел Деј Луис кој ја остави бремена без збор, а во моментот кога таа го роди нивниот син, тој се забавуваше со Џулија Робертс.

„Тој е љубовта на мојот живот. Заврши затоа што беше невозможно,неразбирливо силна. Нашата љубов беше како неизлечива болест. Еден поглед во него и знаеш дека ова е маж подготвен да предизвика болка во тебе. Не можеше да ги одвои улогите што ги играше, од реалниот живот. Често се однесуваше како да не е дел од оваа планета, препуштајќи се на херојот што го играше. Имавме страст во нејзината најчиста форма, а такво нешто е секогаш осудено на пропаст. Бевме љубов за која што се пишува во класичните романи и сѐ се уништи затоа што му дозволив да биде центарот на мојот живот“, изјави Изабел во едно од интервјуата.
