„Бев нападнат од ајкула и останав без рака и нога – сега го променив мојот живот и работам на тоа да го спасам овој вид животни“
Пол де Гелдер, некогашен нуркач за деминирање во австралиската морнарица, преживеал напад од деветметарска ајкула „бик“ во Сиднејското пристаниште, а денес го посветува својот живот на заштита на овие животни.
Во февруари 2009 година, за време на рутинска вежба, ајкулата го нападнала, нанесувајќи му катастрофални повреди.
„Се чувствував како во ноќен кошмар”, се присетува Пол, кој тогаш имал 31 година. Иако се обидувал да се одбрани, ајкулата го влечела под вода. По моменти на помирување со судбината, ненадејно бил ослободен. Со исклучителна сила успеал да се извлече, но нападот оставил трајни последици – загуба на десната рака и сериозни повреди на ногата.
Иако првично чувствувал гнев кон ајкулата, Пол ја сфатил нејзината природна улога. Во текот на долгата рехабилитација, тој почнал да учи за ајкулите и нивната важност за океанските екосистеми. Ова знаење го инспирирало да се посвети на нивна заштита, прифаќајќи го фактот дека тие се често погрешно разбрани и незаслужено демонизирани.
Неговото искуство го поттикнало на нова мисија – мотивациско говорење и заштита на животните. Откако напуштил активна служба во морнарицата, Пол се вклучил во еколошки и авантуристички проекти, работејќи на документарци и промовирајќи живот без насилство врз животните.
Со прифаќање на веганството, Пол не само што ја подобрил својата здравствена состојба, туку и ја зацврстил својата посветеност кон етичкиот начин на живот.
„Машкоста не се мери со консумирање месо, туку со сочувствителност”, вели тој.
Иако трајно ги чувствува последиците од нападот, Пол гледа на тоа како на животна лекција.
„Ајкулата го смени моето тело, но времето поминато со неа ја промени мојата душа”, изјавува тој.
Како совет, Пол препорачува смиреност и внимание.
„Ајкулите не сакаат борба. Ако ги сретнете, покажете им дека не сте лесна цел, и ако е потребно, нежно оттргнете ги”.
Неговата приказна инспирира многумина, истакнувајќи ја важноста на сочувството и разбирањето, дури и кон најпогрешно разбраното суштество на океаните.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно