Благодарение на специјалецот, петок 13-ти е најсреќниот ден за ова 4-месечно машко бебе, а воедно и негов втор роденден

Роберт Оден, припадник на единицата СВАТ на полицијата на Атланта, САД, бил на вистинското место во вистинско време кога му го спасил животот на 4-месечно бебе со масажа на срце. Имено, Петок 13-ти е неверојатно среќен ден за ова бебе.

Околу 12:30 ч. во петокот, Роберт Оден патролирал по коридорот Мартин Лутер Кинг кога автомобил пред него почнал да трепка со алармните светла и постојано да свири на сирената. Го следел автомобилот до најблиската противпожарна станица, и тогаш му пришла една видно потресена жена која извикувала дека нејзиното дете не дава знаци на живот.

Полицаецот веднаш пристапил да му помогне. Проверил прво дали има пулс, но откако утврдил дека нема, почнал со примарна реанимација, надворешна масажа на срцето со помош на прстите. Кога пристигнала Брзата помош, бебето веќе било вратено во живот, бидејќи самостојно кашлало и можело да ги движи нозете.

Целиот херојски подвиг е снимен со неговата камера.

Ви пренесуваме дел од изјавата на Полицискиот оддел во Атланта:
„Полицајците никогаш не знаат што да очекуваат за време на нивната смена, тие само треба да бидат подготвени да дејствуваат. Реакциите на Роберт Оден беа брзи, мирни, грижливи и професионални. Ова е уште еден пример за херојската работа што полицајците ја вршат секој ден. Неговиот одговор одразува високо ниво на обука, подготвеност и сочувство. Не можевме да бидеме погорди на него во овој критичен момент“.

Исто така додадоа дека со ваков херој полицаец, улиците на Атланта се многу побезбедни. Тој е припадник на нивната единица од 2004 година.