Бо Мекејлеб денес наполни 36 години, но каде е сега човекот кој го даде своето срце за Македонија?

Лестер „Бо“ Мекејлеб е роден на 4 мај 1985, Њу Орлеанс, САД. Без разлика дали сте обожавател на кошарка мали се шансите да не сте слушнале за овој човек. Овој извонреден играч доби македонски пасош и со гордост играше за репрезентацијата на Македонија. Заедно со капитенот Перо Антиќ и Тодор Гечевски ја вратија македонската кошарка „во живот“.

Македонскиот МВП сега наполни 36 години и не е толку активен како порано. Според објавите на социјалните мрежи тој е повторно дома во Њу Орлеанс. Последниот тим во кој што играше беше Течниконта Сарагоса од шпанската лига АЦБ. Но, едно е сигурно, тој сѐ уште ја нема заборавено Македонија.

Како започна „легендата“ за Бо во македонската кошарка?

На 1 септември 2011 постигна 19 поени со кои го заслужи епитетот „играч на мечот“ во кој Македонија ја победи Хрватска. На 3 септември 2011 против Грција постигна 27 поени во победата на Македонија со 72-58, 18 против Финска во победата со 72-70 и 22 поени бротив Босна и Херцеговина.

Потоа на 8 септември (Ден на независноста на Македонија) постигнува 19 поени за македонската победа над Словенија, и 16 во драматичниот пораз од Русија. На 14 септември, Македонија ја порази домаќинската екипа на Литванија со што репрезентацијата се пласираше во полуфиналето на ЕвроБаскет. Мекејлеб постигна 23 поени. Досегашниот просек му е 21 поен, 4 асистенции, 3 украдени топки и 3 скока по натпревар.

Нам ни останува да му посакаме среќен роденден и уште успеси доколку секако одлучи да остане во светот на кошарката.