„Бог на сите камионети“ на Резвани е отпорен на куршуми и заштитува од експлозии

Производителот Резвани го претстави својот нов камионет „Херкулес“ ој ветува дека ќе ги заштити своите патници од скоро сѐ. Дали неодамна сте го погледнале автомобилот и сте си помислиле дека му требаат повеќе тркала или дека не е отпорен, на куршуми? Па, најверојатно како и ние, не, но сепак има луѓе на кои сериозно ваквите работи им се приоритет.

Компанијата го претстави Херкулес 6 × 6 оваа недела, покажувајќи ја својата армирана рамка, три различни опции за моторот и гуми од 94 сантиметри.

Опишан како „бог на сите камионети“ и „противотров на денешниот досаден сегмент на камионети“, Херкулес се продава по цена од 225.000 американски долари, но купувачите кои се подготвени да издвојат уште повеќе може да се надоградат со додатоци, како што се подобри амортизери.

Сепак најекстремната верзија со додатоци чини околу 700.000 долари. Военото издание може да се пофали со балистички прозорци и сеопфатно оклопување, како и со радијатор, батерија и резервоар за гориво завиткани во кевлар.

Долната страна на камионетот е заштитена од експлозивни материи, а дополнителните безбедносни карактеристики вклучуваат екран за чад, засилени гуми, електрифицирани рачки на вратите за да се избегнат натрапниците, термален систем за ноќно гледање и „заслепувачки светла“ доколку сакате да избегате од некого.

Во случај да ве снајде апокалипса на патот военото издание исто така доаѓа со маски за гас, комплет за прва помош и комплет за хипотермија. За Херкулес 6 × 6 се вели дека е базиран на џипот Гладијатор, иако е реконструиран со нов погон и дополнителна оска.