Болницата „без муви“ во Битола и нејзините „Ангели“ некогаш спасија огромен број на животи

Кога ќе заврши некоја војна на луѓето им олеснува, но тоа не значи дека ова е крајот и на страдањата на народот. Последиците може да се чувствуваат со години, разурнати домови, уништени земјоделски култури, а со тоа следува глад, болести и секакви други непријатни работи.

Токму тоа се случило и со Македонија по Првата светска војна. Тифус, инфлуенца, мали сипаници, маларија, колера, сериозни рани биле само некои од причините поради кои сме имале потреба од медицински персонал, но како мала и сиромашна земја не сме можеле да си дозволиме.

Луѓето постојано умирале и пустош можел да се види насекаде. Во Битола и околината велат дека кучиња и волци почнале да ги напаѓаат многуте плитки гробови и сѐ повеќе луѓе ја губеле битката за животот. Спасот дошол од хумани луѓе.

„Ја победивме војната и сега треба да го победиме мирот“

AWH (American Woman’s Hospital) и Американскиот Црвен крст биле тие што ја понудиле својата помош. Др. Реџина Флод Кејз од Бафало и нејзината братучетка Др. Френсис Мејбл Флод од Њујорк биле двете жени кои ја смениле судбината на Битолчани и околината. Докторките првин се упатиле во Воден, Грција, каде што воделе успешна болница.

Проблемот не бил само во борба со самите болести и повреди, туку и со неедуцираното население. Луѓето не знаеле како се пренесуваат заразните болести и хигиената не им била приоритет. Докторките одлучиле хигиената во болниците да ја стават на прво место и ги реновирале, исчистиле и на прозорците наредиле да се стави хируршка газа, со цел да се заштитат од комарци, муви и други инсекти.

Кога болницата од Воден била префрлена во Битола, кој постојано бил бомбардиран и прилично разрушен, докторките почнале да ја спроведуваат истата практика и поради тоа оваа болница била наречена „Болница без муви“.

Мотото на американската мисија било: „Ја победивме војната и сега треба да го победиме мирот“

„Нема бања, нема храна“

Саат кулата и едно Турско училиште биле ретките градби кои останале неразрушени, па така докторките одлучиле болницата да ја сместат во училиштето. Имало амбуланта, бања и посебна секција за дезинфекција. Така наскоро оваа болница станала една од најдобрите на Балканот и докторките прегледувале над 200 луѓе на ден.

„Нема бања, нема храна“, било правилото на Американците, затоа што сакале да се осигураат дека преку соодветна хигиена нема да има ширење на разни болести. Сите луѓе кои сакале да добијат оброк од Црвениот Крст првин морале да се искапат на тушевите поставени од самата организација. За ова сите имале картички на кои имало ознака за бања и оброк и доколку не им била бањата соодветно обележана не добивале храна.

Др. Реџина работела како хирург и директор на болницата, а додека пак Др. Франсис била задолжена за нехирушките случаи, како што биле лицата заразени од тифус и инфлуенца. Докторките биле познати како „Ангелите од Битола“.

Збогувањето со „Ангелите“

Реџина и Франсис

Наскоро имало уште помош во вид на храна, лекови, земјоделски култури, а почнале да се отвараат и болници во соседна Србија. Во 1920 докторките ја напуштиле Македонија. Франсис се омажила за Алфред Хеат од Англија, кој го запознала на брод додека се враќала во САД. Таа починала на 26 април 1923 година од компликации по извршена операција на слепо црево.

Реџина пак се омажила за заменик американски конзул во Солун, Квинзи Робертс. Додека биле на Фиџи таа повторно се истакнала со хуманитарната работа, но не ја преживеала Втората светска војна. Таа починала при размена на дипломати помеѓу Јапонија и Америка на 23 Јули, 1942.

Кралот Александар од Србија постхумно ја одликувал Франсис со орденот Св. Сава.