Болничари, Муслиман и Евреин се молат заедно за време на ретката пауза додека спасуваат пациенти со коронавирус

Една од главните работи на кои нѐ научи оваа пандемија е да престанеме да правиме разлики помеѓу религијата, расата, националноста, полот и слично.

Во вакви тешки моменти важно е заедништвото и вредноста на човечкиот живот, а овие двајца болничари се совршен пример за тоа.

Аврахам Минц и Зохер Абу Јама штотуку одговориле на повикот на 41-годишна жена, која имала проблеми со респираторниот систем во јужниот израелски град Бер Шева. Во 18 часот двајцата болничари сфатиле дека ова е можеби една од нивните ретки паузи кои ќе ги имаат во тој ден.

Така тие двајца решиле да се помолат. Минц (42), религиозен Евреин, застанал свртен кон Ерусалим и Абу Јама (39), Муслиман, клекнал свртен кон Мека. Фотографијата од болничарите наскоро станала вирална на социјалните мрежи и сите им аплаудираат за пораката која ја пренесуваат.

Минц е татко на девет деца кој живее во Бер Шева и е редовен работник во службата за итни случаи и обучува волонтери. Абу Јама, татко на седум деца од блискиот бедуински град Рахат, бил еден од оние доброволци обучени од Минц. Тој ја напуштил работата како инструктор по возење за да помогне колку што може за време на пандемијата.