Брачен пар кој бил во брак повеќе од 6 децении починал додека се држеле за раце
Брачен пар од во Охајо, кој бил во брак повеќе од 64 години, починал во рок од пет часа еден од друг на Бадник, држејќи се за раце додека го испуштале последниот здив.
88-годишниот Бил Шафрат починал околу 7 часот наутро, додека неговата 85-годишна сопруга Ненси починала околу 11 часот во домот за стари лица во Востер, Охајо.
„Во последните неколку недели, кога тој веќе не можеше да излезе од кревет ги споивме креветите во средината на собата. Така тие буквално се држеа за раце во последната недела од нивните животи.“, вели Пат Корнелиус, внука на парот.
„Скоро е како да одлучија дека ако едниот отиде и другиот ќе оди. Некако знаеја.“, вели нивниот внук Џон Мориц. Брачниот пар немал деца, но Бил бил едно од 12-те деца во семејството така што околу нив имале многу внуки и внуци како и уште други 200 членови од семејството.
Големото семејство се собрало на погребот на парот во католичката црква „Света Марија“, каде што парот одел уште од моментот кога се венчале. Бил бил ветеран на американската армија, кој служел во војната во Кореја од 1951-1953 година. Тој направил кариера како ѕидар, а Ненси поминала 35 години како вработена во банка, каде што од шалтерот стигнала до првиот потпретседател и менаџер на филијалата Кливленд Роуд на банката.