„Брак со силувачот“ е новиот застрашувачки закон за кој ќе се дебатира во Турција
Предвидено е да се донесе нов закон пред турскиот парламент што ќе им овозможи на мажите обвинети за злоупотреба на девојчиња под 18 години да избегнуваат казна доколку стапат во брак со своите жртви. Таканаречениот предлог-закон „омажи се за твојот силувач“ е предвидено да биде воведен во парламентот за пратениците во Турција да расправаат за него на крајот на месецот.
Критичарите велат дека предложениот закон го легитимира статутарното силување, бракот со децата и дозволува злоупотребата на децата и сексуалната експлоатација. Буквално сѐ во врска со овој закон не е во ред и е застрашувачки како едно „современо општетсво“ воопшто размислува во оваа насока.
Обединетите нации предупредуваат дека законот го легитимира силувањето на децата и ќе доведе до насилниците да постапуваат со помислата дека ќе бидат неказнети, со што жртвите стануваат уште поранливи. Пратениците од опозицијата исто така го осудија законот, предупредувајќи дека таквиот закон ќе доведе до тоа девојките да бидат принудени да стапат во брак против нивната волја, како и да се поттикне злоупотребата.
Демократската партија на народите ја повикува владата да го откаже предлогот. Сличен нацрт-закон беше ставен пред турскиот парламент во 2016 година, но истиот беше повлечен откако предизвика светски бес. Во 2017 година Турција донесе нов закон со кој им се дозволува на исламските муфтии да спроведуваат церемонии за граѓански бракови.
Овој потег беше критикуван како поткопување на секуларниот устав на Турција и отворање на вратата за зголемување на децата-невести. Активистите за правата на жените и политичарите се бореа против слични правни дупки што треба да се отстранат во Египет, Мароко, Тунис, Јордан, Либан и Палестина во последните години.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во минатото беше обвинет за сексизам, откако рече дека жените не се еднакви со мажите и тврдејќи дека феминистките во Турција ја отфрлаат идејата за мајчинство. Пред меѓународниот ден на жената во 2018 година, турскиот претседател ги обвини медиумите за пораст на случаи на семејно насилство врз жени и злоупотреба на деца, порачувајќи им на новинарите да не пријавуваат вакви инциденти.
Правната возраст на согласност во Турција е 18, но владиниот извештај објавен во 2018 година за бракови со деца проценува дека вкупно 482.908 малолетни девојчиња стапиле во брак во последните десет години.