Чудовиште од морето: Џиновски скелет на змија долга 130 метри што „изникна“ на францускиот брег

Алуминиумскиот скелет на џиновска змија на француската плажа во Сен-Бревин-ле-Пин носи важна еколошка порака што им се шири на посетителите од 2012 година, кога беше поставен како дел од уметничката изложба Естуаир.

Скулптурата Serpent D’Océan на кинеско-францускиот уметник Хуанг Јонг Пинг е изненадувачки реална и вели дека треба повеќе да се грижиме за нашите мориња и океани бидејќи животот во нив изумира и многу видови исчезнуваат засекогаш.

Металното морско чудовиште долго 130 метри изгледа се уште се движи и покрај тоа што на него „нема ни ронка месо“, што ја оживува иконографијата на кинеските митолошки змејови.

Со своите уметнички дела, Хуанг Јонг Пинг се истакна во кинеското авангардно движење од 1980-тите. Сметајќи ги за шокантни, кинеската влада забрани многу негови дела, што ја зацврсти одлуката на Хуанг да се пресели во Франција во 1989 година. Уметникот во својата работа често се занимава со идентитетот и мешањето на различни култури, па мотивот како змија инспириран од кинеската митологија сместен на францускиот брег во неговиот случај не скока надвор од рамката.

Змиските кривини грубо ги рефлектираат кривините на блискиот мост Сен-Назер, испраќајќи критики за забрзаниот напредок и урбанизацијата.

Во зависност од плимата и осеката, змијата D’Océan од воздухот изгледа речиси нереално, како да се издигнува од океанските води или плитки бранови создавајќи речиси филмска сцена.