Да го спасиме Преспанското езеро! Македонскиот бисер кој полека избледува во заборав
Природата е секогаш тука за нас и ни овозможува да уживаме и да ја користиме нејзините убавини и погодности. Но, сега е редот на нас. Преспанското езеро е во незавидна состојба, но за жал никој не сака да преземе нешто во врска со тоа. Затоа останува на граѓаните со своја сопствена иницијатива и поддршка од голем број здруженија да апелираат за враќање на сјајот на оваа природна убавина.
Потпишувањето на оваа петиција, нема да ве чини ништо, освен 1 минута од вашето скапоцено време, а ќе донесе голема промена!
Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на 3 до 5 милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам. Сведоци сме дека во последните неколку децении нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува (~8 m) што значи повлекување на езерото од повеќе десетици метри на некои делови. Во моментот, нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења (1917 г.) што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна!

Причината за ваквата ситуација е сложена комбинација од природни фактори, вклучително климатски промени (суши и покачени температури) и гео/хидролошки промени во подземните карстни канали преку кои водата истекува од езерото, како и антропогени фактори кои главно се однесуваат на користење вода од самото езеро и подземните води од крајбрежниот дел за наводнување, пиење и индустриски цели. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 г.), а може и да се интензивираат, состојбата на Преспанско ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25%) доаѓа директно од Преспанското Езеро.
Да не дозволиме судбината на Преспанското езеро да остане само на хартија, да апелираме до надлежните да се преточи во низа активности, споведени од професионалци во својата професија.
Кликнете ТУКА за да се потрудиме мрачната сегашност на Преспанското езеро денес да остане само успешно помината пречка од минатото.
