Да ја вратиме маалската игра и дружба во живот: Ајде да играме НАРОДНА, ЏАМЛИИ, ГРАБНИ СТАПЧЕ, ГРАНИЦА… во петок кај „Авионче“

Со цел популаризација на маалските игри, поголема социјализација на децата и едукација за важноста од физичката активност викендов се организира настанот МААЛСКИ ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ

Овој петок (9 јуни) во периодот од 17:00 до 20:00 часот паркот „Авионче“ во Општина Аеродром ќе биде претворен во големо игралиште каде децата и младите ќе можат да се едуцираат, натпреваруваат, другаруваат и забавуваат на настанот „МААЛСКИ ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“.

 

Играњето игри пред маалата и дружењето проследено со детски џагор е сѐ помалку присутно во скопските населби, a во минатото тоа беше препознатлив симбол на маалскиот живот кај скопјани. Модерното време ја донесе дигитализација, децата се оттргна маалата и играта, а тоа придонесе децата сѐ помалку да се социјализираат.

Целта со овој настан е реафирмирање на маалските игри без граници кои се подзаборавени под налетот на новите технологии и виртуелните електронски игри. Исто така, да се промовираат и поттикнат здрави практики преку спортување и дружење, како неопходни квалитативни компоненти во животот на секој човек, особено на децата и младите.

„Зошто е важна физичката активност кај децата и младите“ е насловот на мастеркласот кој ќе го модерира Мирослав Кацаров, а негови гости ќе бидат фитнес едукаторите Немања Миловиќ и Даниел Трбогазов. Немања Миловиќ е професор на Факултетот за физичка култура од Нови Сад, интернет сензација и најсподелуван фитнес едукатор на социјалните мрежи. Даниел Трбогазов е локален фитнес инструктор, кој е застапен на многу полиња и постојано е во мисија да ја подигне фитнес културата во Македонија.

Децата ќе имаат можност да се натпреваруваат во народна, џамлии, грабни стапче, граница, сакате ли војна, плочка, влечење со јаже, куќа, ластик и штркот бира боја. Како дополнителни бонус активности ќе можат да учествуваат во трка со балансери, кошаркарски предизвик и креативни работилници.

Покрај овие активности се најавува и многу музика, подароци и забава за целото семејство!

Поддршка, како и повик за заедничка маалска дружба до своите следбеници на социјалните мрежи упатија: Дејан Манасков, Павле Камиловски, Адријан Гаџа, Даниел Трбогазов, Татјана Алексиќ, Маја Глигоровска, Ивона Јовановиќ, Александра Пановска-Илиевска, Милена Антовска, Ева Јакимовска, Марко Маринковиќ – Слаткаристика, Мирослав Кацаров, Теа Трајковска, Маријана Станојковска, Александар Динев, Стојанче Стоилов и други.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *