Да не се заборави: На денешен ден 12 млади животи згаснаа од пушките на бугарската армија
Војната никогаш не може да донесе моменти на слава, дури и кога се победува, затоа што зад себе остава многу мртви тела и мајки и татковци, браќа и сестри кои тагуваат за своите најмили. На 16 јуни 1943 година се случи масакар кој ќе ја обележи „црната“ историја на Македонија.
Напад на невино население
Капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија за да ги уништат партизаните се нафрлиле на мирното население.
Во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници.
Сестрата на Блаже Ицев (еден од жртвите), Нада Ицева (Јанева), раскажала за денот кога го уапсиле нејзиниот 17-годишен брат: „Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Но таа ми рече:„Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат”
Крвав масакар и убиство на деца
Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште. Тие има кажале дека ќе ги носат да ги фотографираат, а девојките ги тргнале од машките.
Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева не биле стрелани затоа што полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките.
Во извештајот на ГШ на НОВ, од септември 1943 стои: „Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени.“
„Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги покријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми.” – раскажува Нада Ицева.
Џелатот им бил по потекло од Македонија
Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија бил џелатот во овој масакар и сѐ се одвивало под негова команда. Апостолов е роден на 27 април 1895 година во Крива Паланка. Учествувал како кадет во Балканската војна. Во Првата светска воjна служел во Први македонски пешадиски полк на Единаесетта пешадиска македонска дивизија. На 9 март 1916 година, завршил на Военото училиште. По воjната служел во Први софиски пешадиски полк. Во 1928 година бил назначен за раководител на 22-ри граничен полк. Тој го наредил стрелањето на 16 јуни 1943 година и поради ова злодело бил осуден на смрт и убиен во Кавадарци во 1945 година.
На суровоста ѝ немало крај. На родителите не им било дозволено да си ги погребаат децата и тие морале да ги покријат со лисја и со малку земја. Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, бил организиран вистинскиот погреб. Кога семејствата сами си ги откопале коските, ги премиле во реката и во мали ковчези ги закопале во Моклиште. А, по третпат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.