Дали би ја посвоиле Пердита, „најлошата“ мачка на светот?
Сите го знаат намуртеното маче кое почина неодамна, но освен намуртеното лице мачето беше прилично мило и пријателски расположено.
Сепак една мачка го има „целиот пакет“, намуртено лице и ужасен карактер, а сега здружението кое ја спасило моли некој да ја посвои.
Пердита, четиригодишна домашна мачка со кратки влакна, била спасена од „Mitchell County Animal Rescue“ во Северна Каролина, на Бадник, откако нејзиниот претходен сопственик починал. Кога за прв пат пристигна во засолништето, директорката на засолништето, Британија Тејлор, вели дека мачето било „прилично слатко“. Но на Пердита не ѝ требало многу време за да си го покаже вистинското лице.
„Следниот ден, таа беше намќор. Мислевме дека нешто ја повредува, но излезе дека е едноставно кретен. Се преправа дека сака да ја милуваш и да се мазиш со неа. Но веднаш штом ќе ја земеш почнува да мрчи. Дури и ќе ве гребне. Таа е едноставно ужасна.“, вели Тејлор.
Вработените дури и се обиделе да ѝ направат убава фотосесија за да привлечат посвојувачи, но залудно, мачката го има само намќорестото лице. Пердита не ја сака розевата боја, мали мачиња, деца, Дизни песни, Божиќ и прегратки. Но, затоа сака да зјапа во „душата на луѓето“ додека не ве фати депресија, да скока од никаде врз луѓето и да биде кралица на нејзиното живеалиште.