Дали Македонија го добива новиот шаховски велемајстор? На само 10 години Давид Атанасовски е државен шампион и иднината на македонскиот шах
На само 10 години, Давид Атанасовски веќе го живее својот сон на шаховската табла. Роден на 12 јуни 2015 година, Давид со шах започнува во септември 2024 година, а неговиот талент веднаш бил препознаен од тренерот Јовица Николовски, кој прв ја открил неговата природна дарба и чувство за играта.


Во април 2025 година, Давид преминува во Шаховски клуб Алкалоид, каде што продолжува да се развива под менторство на врвни тренери како Дејан Стојановски и Влатко Богдановски. Со нивна поддршка и со огромна лична посветеност, неговиот напредок е неверојатно брз.
За само 18 месеци активна работа, Давид станува државен првак на Македонија до 10 години – титула што го поставува на врвот во својата генерација. Низата успеси продолжува со прво место на „Куманово Опен“ до 10 години, триумф на турнирот во Параќин, Србија (до 10 години), како и освојување на првото место на првиот бергер-турнир во Македонија „Малиот Витез“ (до 10 години).


Иако преминува во повисоката категорија до 12 години, Давид повторно покажува зрелост и шаховска интелигенција над својата возраст, освојувајќи прво место на Отвореното првенство на град Скопје. Овој успех јасно покажува дека неговиот талент не е случаен, туку резултат на вистинска страст, дисциплина и секојдневна работа.
Пред шахот, Давид пет години тренирал фудбал – спорт што и понатаму е дел од неговото детство. Но денес шахот е негов приоритет. Секојдневно учи, анализира партии и се усовршува, вљубен во играта на 64 полиња.


Неговите резултати и потенцијал се препознаени и од државата – Давид е добитник на стипендија од Министерството за спорт во рамки на проектот „500 стипендии – спортска надеж“, признание што го потврдува неговиот статус на еден од најперспективните млади шахисти во Македонија.
На само 10 години, Давид Атанасовски веќе покажува шампионски карактер. А ова, без сомнение, е само почеток на една голема шаховска приказна. ♟️
Мотика и понатаму ќе продолжи да ги следи, поддржува и бодри македонските спортски таленти. Само напред, Давид – Мотика е со тебе!

Коментирај анонимно