Дали сте подготвени за нова посета од вселената? Најголемиот астероид во 2021 година пристигнува во соседството

Најголемиот астероид што го посетил соседството на Земјата оваа година ќе помине покрај нашата планета на 21 Март на безбедно растојание од околу 2 милиони километри или пет пати поголемо растојание од Земјата до Месечината.

Астероидот 2001 ФО32 е откриен пред 20 години и оттогаш будно го следат научниците. Не претставува никаква опасност за Земјата, а следниот пат кога ќе го посети нашето соседство е во 2052 година, кога ќе помине на растојание од 2,8 милиони километри.

Орбитата на астероидот 2001 ФО32 можеме да ја одредиме многу прецизно затоа што го следиме откако е откриен пред 20 години. Нема шанси астероидот да се приближи на Земјата поблизу од 2 милиони километри, изјави Пол Ходас, директор на Центарот за проучување на објекти од близина на Земјата.

Иако нема да има опасност за Земјата, на астрономски размери, 2 милиони километри се непријатно близу. Затоа овој астероид е означен како „потенцијално опасен“, иако научниците се убедени дека не постои реална опасност. За време на неговото приближување кон Земјата, астероидот ќе се движи со брзина од 124 илјади километри на час, што е малку побрзо од другите астероиди со кои обично се среќава околу Земјата.

Интересно, кога беше откриен, астероидот имаше дијаметар од околу еден километар, додека според научниците, тој сега е многу помал. Некои проценуваат околу 900 метри, додека анализата со телескопот NEOWISE покажа дека тој всушност е во опсег од 440 до 680 метри.

Неговиот премин покрај Земјата ќе им овозможи на астрономите подобро да го проучат и можеби да научат повеќе за неговиот состав.

„Ќе се обидеме геолошки да го анализираме со телескоп“, рече Вишну Реди, професор на Универзитетот во Аризона, САД.

„Откако ќе дознаеме, ќе можеме да го споредиме со метеорите на Земјата за да утврдиме кои минерали ги носи со себе“, додаде Реди.