Дали сте слушнале за смрдливата вода во Гевгелија за која се вели дека лечи од секакви стомачни заболувања

Смрдлива Вода е туристичко место оддалечено 24 километри од градот Гевгелија, сместено на надморска височина од 712 метри.

Се наоѓа во атарот на селото Конско, помеѓу врвовите Флора, Аџибарица и Белези. Познато е по минералната вода за која се верува дека помага при лечење на стомачни воспалениа и заболувања на желудникот и бубрезите.

Минералните извори, кај народот познати како „Смрдлива вода“, од каде што и целата месност го добила своето име, се нарекуваат така поради непријатната миризба на водата на „расипано јајце“.

По својот хемиски состав се хидрокарбонатни, минерализирани, слабо кисели води.

Водата од изворите најчесто се користи за лекување на стомачните заболувања, потоа камен во бубрег, песок во мочните патишта, воспаление во мочните органи и сл. Чистиот планински воздух и лековитоста на водата придонеле таа да се користи од месното население уште меѓу двете светски војни, а по втората светска војна се изградило и место за сместување и престој на посетителите.

Покрај лековитите извори, местото изобилува со прекрасен пејсаж богат со ендемски видови растенија и пространи дабови и букови шуми како и дрвото гол човек ко е единствено зимзелено дрво коешто двапати годишно ја менува својата црвеникава и лушпеста кора.

Гевгеличани се познати како одлични домаќини, па доколку се одлучите да го посетите ова место немојте да бидете изненадени ако попатно мештаните ви понудат добра жолта ракија, најубавиот сок од калинка што некогаш сте го пробале и вкусно слатко од смокви.