Децата пишуваат, милениците добиваат дом! Интересната идеја на една наставничка разнежни многу срца ширум светот
За децата, училишните задачи често изгледаат како нешто што нема врска со вистинскиот свет. За наставниците, предизвикот е како да ги мотивираат учениците да учат на интересен начин, а притоа да им го всадат знаењето во глава.
Ејми МекКини, наставничка во трето одделение, ги учела своите ученици на убаво пишување. Но, наместо да пишуваат за измислена публика, таа се здружила со локално засолниште за животни за да им даде на учениците автентична публика за која ќе пишуваат.
„Нашата паралелка се здружи со засолниште за животни за да им помогнеме на тие миленици да најдат домови!“ напиша МекКини на „Инстаграм“.
„Ни испратија краток опис и фотографија за секое животно. Моите ученици избраа по едно животно за кое пишуваа, а потоа ги испративме нивните есеи до засолништето за да ги изложат и објават на нивните социјални медиуми“.
„Ангажираноста на моите ученици беше огромна!“ додаде таа. „Знаеја дека нивната работа може да направи голема разлика во животот на миленичето, па она што обично го правиме неколку недели, го завршивме за само неколку дена“.
Свеста дека нешто што правите може да има вистинско влијание е силен поттик, без разлика на возраста. А бидејќи децата обично ги обожуваат животните, не е изненадување што тие биле целосно вклучени. Засолништата за животни секогаш бараат начини да најдат домови за милениците во нивна грижа, па оваа задача беше навистина совршена.
Замислете да видите вакви текстови и да можете да одолеете на нивните мали крзнени лица:
- „Здраво, моето име е Пичес и сè што сакам е семејство. Ве молам, посвојте ме! Слатка сум, сакам да ме галат и имам уникатна боја. Ме молам, сакам семејство што ќе ме сака. Месеците тука изгледаат како вечност“.
- „Посвојте ме, ве молам! Јас сум Пит и сакам други кучиња. Само 10 килограми сум и малку сум срамежлив, но топол и пријатен“.
Учениците дури и цртале слики заедно со описите, што ги правело уште поинтересни. Наставници од различни места најавија дека планираат да се обратат до засолништа во нивната област за да направат нешто слично. Ова е пример за тоа како учењето може да се поврзе со вистинскиот свет на најубав начин.
Коментирај анонимно