Денес Игор Ангеловски – Мрме полни 45 години: Кој е човекот кој пишува фудбалска историја и прв пат нѐ носи на ЕП во фудбал?

Одиме на Европско! Кратка, но моќна реченица која ги исполнува срцата на Македонците без разлика дали се или не се љубители на фудбалот. Играчи кои својата душа ја оставаат на терен и борба до последната секунда. Тоа можеме да го очекуваме оваа година од ЕП. Но, во целата оваа приказна стои човек кој не сака да се истакнува со својот значаен придонес.

Игор Ангеловски или како што многумина сакаат да го нарекуваат „Мрме“ е скромниот човек кој што го постигна она што не им успеа на неговите претходници во изминатите 30 години. Во чест на неговиот роденден ајде да се запознаеме со човекот кој пишува историја.

Игор Ангеловски е роден на 2 јуни 1976 година во Скопје, што значи дека денес полни 45 години. Неговата љубов кон фудбалот започнала на мали нозе. Тој првин својата страст ја претставил како играч, за да дојде до позицијата на која што е денес.

Како играч играл во словенечката Прва лига во Публикум Целје помеѓу 1998 и 2000 година. Потоа од 2000–2007 играл за Цементарница 55, 2008 ја поминува во ФК Скопје и 2009 ја завршува со ФК Срем.

Тој ја трансформираше својата кариера од фудбалер до спортски директор во Работнички и клубот постигна огромни успеси во овој период, како на пример ја освои двојната круна и најзаслужен е за промоцијата на неколку млади талентирани фудбалери. Нареден чекор бил да стане фудбалски тренер и тоа за прв пат го започнал исто така во Работнички.

Мрме е дипломиран економист и има изјавено дека ваквото искуство му помогнало да успее успешно да ги менаџира играчите.

Тој има огромна почит кон Горан Пандев и има изјавено дека: „Кога зборува Горан Пандев за фудбал, сите треба да молчат“. Мрме всушност е оној кој го врати Пандев повторно во Македонија и неговиот прв работен ден како селектор го поминал во Џенова, правејќи го токму тоа.

За Игор Ангеловски дресот на репрезентацијата е нешто „свето“ и мора да се почитува, а играчите да бидат едно големо семејство.

Мрме веруваше во македонскиот фудбал, веруваше во своето фудбалско семејство, а сега нам ни е ред да ги поддржиме нашите репрезентативци на ЕП, кое започнува на 11 јуни.