Доаѓаат од Колумбија и со љубов пеат македонски песни: Скопски таксист одбива да земе пари од прочуениот бенд „Вардар Анди“ – „Вие веќе плативте, со љубов кон Македонија“

Се викаат „Вардар Анди“, иако доаѓаат од – верувале или не – Колумбија. Да, од Латинска Америка. Сепак, кога ќе ги чуете како ја пеат „Распукала Шар Планина“, ќе помислите дека растеле со гајди и кавали. Фронтменот кој самиот се нарекува „Колумбиецот Јанко“, заедно со неговиот бенд, изведува македонски народни песни со таков елан и почит, што многумина кај нас ќе ти кажат: „Овие направиле повеќе за македонската култура отколку некои наши!“

Не прават авторски песни, не експериментираат, туку ја пеат нашата традиција со огромна љубов и почит. Тие не се само музичари – тие се амбасадори на македонската душа, спакувани во колумбиски пасош.

Затоа не не чуди видеото во кое македонски таксист одбива да им наплати – им вели дека направиле многу за Македонија. И навистина има нешто многу трогателно во тоа: странци кои не мораат, ама сакаат, и доаѓаат во Скопје само за да запеат народна песна што кај нас веќе ретко кој ја знае напамет.

Вардар Анди не се само фолклорен бенд – тие се жив доказ дека културата не познава граници. И искрено? Треба и ние да ги слушаме почесто – ако не за друго, барем да се потсетиме колку е убава нашата музика… кога некој ја сака вака искрено.