„Добив на лотарија – еве како научив дека парите нема да те направат среќен“
Алиса Мосли открива дека добивката од лото ѝ донела неочекувани изненадувања.
Пари, луксуз и празнина
„Веднаш по добивката, отпатував во Париз и купив куп винтиџ дизајнерски парчиња од Chanel и Dior“, раскажува младата Њујорчанка, која го прославила своето богатство со луксузен двонеделен одмор во Франција.
Но, колку повеќе трошела, толку помалку среќна се чувствувала. „Купував нови чанти, облека и чевли секој ден, но не бев среќна“, признава таа, додавајќи дека го прекинала патувањето порано од планираното поради чувството на празнина.
Психолошкиот товар на богатството
Мосли не сака да го открие точниот износ што го добила, но вели дека тоа ѝ овозможува удобен живот без да работи. Сега како целосно посветена креаторка на содржина, таа ги предупредува луѓето за психолошките последици од ненадејното богатство.
„Колку повеќе купував, толку побрзо исчезнуваше чувството на возбуда“, вели таа пред своите 43.000 следбеници на TikTok. „Парите нема да ги излечат вашите трауми од детството. Ако привлекувате токсични партнери, ќе го правите тоа и со и без пари.“
Духовно будење наместо материјално богатство
Мосли, која некогаш била човек што секогап угодува, среќа наоѓа во тоа што ги исфрлила токсичните луѓе од својот живот пред да се збогати. „Да беа тука сега, сигурно ќе ме искористуваа“, признава таа.
Сега таа ѝ припишува заслуга на терапијата и нејзината обновена вера во Бог за тоа што успеала да ги препознае оние кои се заинтересирани само за нејзиното богатство.
„Ова беше духовно искуство“, вели таа. „Сега имам остро чувство за препознавање на црвени знамиња и брзо се ослободувам од луѓе што се фокусирани само на моите пари.“
Иако е благодарна што има вистински пријатели и семејство покрај себе, признава дека е внимателна во создавањето нови познанства. „Поминувам многу време сама“, вели таа. „Не сум во состојба да барам друштво по секоја цена и да ги игнорирам предупредувачките знаци.“
„Освојувањето на лото ми го уништи животот“
Мосли не е единствената која открила дека парите не гарантираат среќа. Џеј Сомерс, кој во 1988 година станал најмладиот добитник на лотаријата во Мичиген, освојувајќи 5 милиони долари на 20-годишна возраст, денес признава: „Нема повеќе пари“.
Ги потрошил на NASCAR трки и скапи судски спорови, а денес работи како механичар на бродови. „Работам од девет до пет како обичен човек. Освојувањето на лото ми го уништи животот“, вели тој.
Слична судбина ја доживеала и Гилијан Бајфорд, која добила 187,5 милиони фунти на лотаријата во Велика Британија. Парите ѝ донеле само алчни роднини и развод поради притисокот од богатството. „Требаше сите да бидат среќни, но само почнаа повеќе да бараат и станаа алчни“, изјавила таа.
Коментирај анонимно