Древниот антисептик: Неандерталците можеби користеле катран од преза за лекување на рани и борба против опасни инфекции уште пред 180.000 години
Катранот од бреза, лепливата црна маса добиена од кората на брезата, бил еден од најважните материјали за праисториските луѓе. Не само што служел како лепак за спојување на камени ножеви со рачки или врвови на стрели со прачки, туку, според ново истражување, веројатно бил користен и за лекување рани за да се спречат инфекции. Ова го објавува IFLScience, повикувајќи се на резултатите од студија во списанието PLOS ONE.

Содржина:
Катранот откриен на неандерталски локалитети стари најмалку 180.000 години, а традицијата опстанала и денес
Остатоци од катранот од бреза се пронајдени на неандерталски локалитети стари најмалку 180.000 години. Овој материјал бил употребуван и од старите Homo sapiens, а некои домородни народи го користат и денес. Пример за тоа се микмаките од источна Канада и саамите од Лапонија, кои со помош на катран од бреза се борат со зарази од позитивни на Грам бактерии, како што е златната стафилокока. Овие бактерии често предизвикуваат инфекции и поради отсуството на дополнителна надворешна мембрана се почувствителни на антимикробни средства.
Научници: Катранот навистина ги убива опасните бактерии, исто како денес кај домородните народи
За да ги потврдат антибактериските својства на античкиот катран, научниците го дестилирале од два вида бреза распространети во Европа во доцниот плеистоцен. Користени биле два праисториски методи – со глина и камен, како и современиот начин со лимени кутии (како што го прават микмаките). Сите примероци го инхибирале растот на златната стафилокока, но не делувале на негативни на Грам бактерии, како што е ешерихија коли. Ова укажува дека катранот што го правеле неандерталците имал ефект како и оној на современите домородни групи.
Документирани медицински знаења на неандерталците
Иако не може да се тврди со апсолутна сигурност дека неандерталците го користеле катранот исклучиво како локален антибиотик, резултатите од истражувањето се многу складни со други откритија за нивните напредни медицински вештини. Авторот на студијата Тјарк Симсен истакнува: „Пред неколку децении ваквите заклучоци ќе беа дочекани со скепса, но сега се имаат собрано многу податоци дека неандерталците практикувале медицина. „На пример, гледаме дека користеле камилица и ајдучка трева, кои се пронајдени во забниот плак кај неандерталците и имаат лековити својства. Исто така, наоѓаме печурки, кои можеби досега биле занемарени, но сега разбираме дека тие можеле да се користат и за медицински цели, бидејќи дефинитивно не се јаделе“, вели Симсен.
Пеницилиумската мувла, добро познат природен антибиотик, е пронајдена во забниот плак на неандерталец од Шпанија. Ова укажува дека античките луѓе можеби џвакале мувлосан материјал за лекување на забни апсцеси. Понатаму, скелетот на неандерталец со скршена нога, пронајден во пештерата Шанидар, укажува дека овие луѓе се грижеле за своите ранети соплеменици, покажувајќи сочувство и интелигенција.

Коментирај анонимно