Држава со ваква младина не треба да се грижи за својата иднина: Македонските јуниори-информатичари се вратија со три бронзени медали за Македонија!

Македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), вклучувајќи ги и трите најнови медали, имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали. Ова е резултат со кој може да се пофалат само мал број земји-учеснички на олимпијадата.

 

На 8-мото издание на ЕЈОИ 2024, кое се одржа од 16-ти до 22-ри август во Кишињев, Молдавија, младите македонски информатичари го продолжија традиционалниот успех на меѓународните олимпијади, освојувајќи три бронзени медали.

Бронзените медали за Македонија на овој врвен меѓународен натпревар во програмирање за ученици до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Четвртиот член на македонскиот тим беше Бисера Илиева од Скопје, која заедно со Марко Кренков, за првпат учествуваше на меѓународен натпревар по информатика.

Тимот беше воден од лидерите Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари организиран од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кој оваа година се одржа по 35-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен за сите заинтересирани учесници цела година.

 

Со овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали, што е успех кој можат да го постигнат само малку земји-учеснички на оваа олимпијада.

 

Според претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов:

„И покрај редовните системски пречки од страна на државните институции, било намерни, ненамерни или како последица на други активности, со волонтерско залагање на членовите на ЗИМ и истакнати професионалци информатичари, успеваме да постигнеме високо ниво на знаење кај учениците. Три медали за Македонија е многу висок резултат, особено ако се земе предвид големината на нашата земја. Дополнително, годинава на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија три медали, а Македонија беше меѓу четирите најдобри земји. Се уште чекаме одговор од МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како што е законска обврска согласно законот за основно образование. Во меѓувреме, се подготвуваме за учество на Интернационалната олимпијада во Египет, а голем дел од нашите напори се насочени кон организирање на Балканската олимпијада по информатика, која ќе ја организираме од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Бидејќи сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да ги покриеме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да помогнат во организацијата на овој настан“.

 

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2024 беше Република Молдавија, со главен организатор Министерството за образование и истражување, заедно со Националната агенција за наставна програма и евалуација на Република Молдавија. Основната цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) од сите земји во Европа, како и да им се даде можност на најдобрите млади таленти во оваа возраст да ги покажат своите знаења и вештини во областа на програмирањето. Секоја земја учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

 

На ЕЈОИ 2024 учествуваа 98 ученици од 26 европски земји.

Следното, 9-то по ред издание на Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), ќе се одржи идната година во Азербејџан. Следен настан за македонските ученици е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024), која ќе се одржи од 1-ви до 8-ми септември во Александрија, Египет.

  • Васе напиша:

    Ако ги прашате сега: „каде се гледаат себеси во иднината“, сигурно ќе одговорат „надвор од државата“!
    Затоа, општината, државата, треба да им даде некоја стипендија, да им вети вработување по завршување на школувањето, да не фатат џаде во јабана, како и најспособните луѓе во Македонија (никогаш северна)!

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *