ЕФСА ја отпочна кампањата „Стоп за африканската свинска чума“ во Југоисточна Европа

Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) отпочна голема кампања за подигање на свеста и помагање да се спречи ширењето на африканската свинска чума во Југоисточна Европа

Кампањата е наменета за земјите за кои ЕФСА во 2019 година идентификуваше дека колективно сочинуваат „ризичен регион“ поради нивната непосредна близина со земји каде што е присутна африканската свинска чума. Овие земји се Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово[1], Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија.

Нашата кампања има за цел да ги дополни постоечките активности на Европската комисија и други меѓународни организации кои работат на искоренување на болеста во Европа.

Што е африканска свинска чума?

Африканската свинска чума (АСЧ) е вирусно заболување кое ги напаѓа домашните и дивите свињи. Овој вирус е безопасен за луѓето, но предизвика значајни економски нарушувања во многу земји. Сè уште не постојат вакцини за АСЧ, па затоа појава на болеста може да изискува колење на голем број свињи од одгледувачници во зафатените области.

Цели и публика

Оваа кампања има за цел да ја зголеми свеста и знаењето за АСЧ во сите девет земји. Наменета е за групи на луѓе и поединци кои се во контакт со домашни и диви свињи, како што се фармери и ловџии. ЕФСА исто така ќе оствари соработка со ветеринарни организации, ловџиски здруженија, фармерски групи, царински службеници, гранична полиција, локални самоуправи, туристички организации и патници.

Препознајте, спречете, пријавете

Со оглед на тоа што појавата на АСЧ може да има катастрофални последици, препознавањето, спречувањето и пријавувањето се особено важни за да се заузда оваа болест. Ова се клучните зборови на нашата кампања.

Ние ќе споделуваме документи со податоци, инфографици, објави за социјални медиуми кои се подготвени за употреба и други материјали. Дознајте повеќе за АСЧ на веб-страницата на кампањата: www.efsa.europa.eu/StopASF

[1] Оваа ознака не противречи на ставовите поврзани со статусот и е во согласност со UNSCR 1244 и мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.