Експертите предупредуваат: точката и запирката исчезнува од употреба – знаете ли како правилно се користи овој интерпункциски знак?
Точката и запирката, овој тивок, но важен интерпункциски знак, сѐ поретко се користи, покажуваат анкети и анализи од различни јазици, вклучително и македонскиот. Иако некоогаш се сметала за симбол на писмена прецизност и стил, денес многумина не знаат ниту кога, ниту зошто би ја употребиле.
Во 19 век, на пример, таа се појавувала на секои 200–250 зборови во англиската книжевност, додека денес е речиси двојно поретка. И македонските текстови сѐ почесто се ограничуваат на запирки и точки, па точката и запирката полека исчезнува и од современата употреба.
Меѓу елеганција и заборав
Многумина ја поврзуваат точката и запирката со формалното образование, академското пишување или уредничките стандарди. Некои јазичари и писатели ја бранат како знак што внесува јасност, прецизност и ритам во реченицата. Други, пак, сметаат дека нејзината употреба е збунувачка, непотребна и дури и снобовска.
Дел од познатите писатели ја избегнувале, како Курт Вонегат, кој саркастично изјавил дека нејзината употреба не значи ништо освен дека сте биле на факултет. Од друга страна, авторки како Вирџинија Вулф ја користеле интензивно, оставајќи го читателот да лебди меѓу мислите.
Зошто исчезнува?
Падот во употребата може да се објасни со поедноставениот стил на пишување на интернет, каде се преферира кратко, јасно и директно изразување. Социјалните мрежи и дигиталната комуникација, каде брзината е приоритет, ја туркаат точката и запирката во сенка на поедноставени знаци како точката, цртичката или новиот ред.
Дополнително, многумина не се сигурни како се користи правилно. Истражување покажува дека повеќе од половина од анкетираните не знаат да ја употребат точката и запирката, што води до нејзино избегнување.
Како правилно се користи точката и запирката?
Иако не е правописен, туку интерпункциски знак, точката и запирката има конкретна функција: таа служи за одвојување на посложени реченици и делови од реченици кога запирката не е доволна, а точката би била прегруба. Еве кога се употребува:
• За одделување независни реченици во сложена реченица што содржи повеќе запирки
Пример: На постарите им е тешко да го држат чекорот со новите технологии; со интернетот, социјалните мрежи и паметните уреди; со сѐ што на младите им е секојдневие.
• Кај независни реченици со сврзници: но, ама, сепак, меѓутоа – кога има повеќе запирки во реченицата
Пример: Му објаснивме, го советувавме, дури и го молевме; но, ништо не помогна.
• Кај зависни реченици што се однесуваат на една главна реченица
Пример: Кога ќе ја напишеш задачата; кога ќе ја средиш собата; кога ќе ги научиш лекциите – тогаш можеш да излезеш.
• Кога следува дообјаснување или завршна мисла во сложени реченици
Пример: Весна, класниот претседател; Јана, нејзиниот заменик; и Марко, благајникот – сите беа присутни.
• При подолги набројувања со повеќе интерпункциски знаци (особено запирки)
Пример: Ги испековме пиперките, ги излупивме, ги исечкавме; Петре ги мелеше, Весна ги пржеше; на крајот сите седнавме да го јадеме ајварот.
Примериве не Ви се баш точни… Навидум?!
Во програмските јазици речиси секој ред завршува со точка запирка така да тешко дака во блиска иднина ќе исчезне.
Коментирај анонимно