Ел Мекферсон ја откри шокантна причина за разводот од милијардерот Џефри Софер: „Капката што ја прелеа чашата“
„Во добро и во зло“ не важеше за овој славен пар.
Супермоделот Ел Мекферсон открива дека контроверзната одлука да ја третира дијагнозата на рак на дојка „холистички“ довела до крај на нејзиниот брак со милијардерот Џефри Софер.

Австралиската убавица, која сега има 60 години, ја направи оваа шокантна изјава во своите мемоари „Ел: Живот, лекции и учење како да си веруваш себеси“.
Двојката се венчала во 2013 година и сè уште била во брак кога моделот била дијагностицирана во 2017 година. Мекферсон одбила хемотерапија препорачана од 32 доктори, откривајќи дека оваа одлука оставила длабоки последици врз нејзиниот брак.
„Дијагнозата на рак на дојка, проследена со мојот конечен избор да се лекувам холистички со помош на д-р Ц, беше одлука на која Џеф не можеше да ѝ верува или да се чувствува спокојно,“ отворено напишала таа.
„И навистина, овој процес беше капката што ја прелеа чашата… тоа ги отвори сите прашања и сè се промени. Нашиот брак заврши, и двајцата го знаевме тоа.“

Мекферсон и Софер се разделиле истата година.
Претходно оваа година, Мекферсон предизвика контроверзии со признанието дека не примила хемотерапија иако ѝ бил дијагностициран HER2-позитивен естрогено-рецептивен интрадуктален карцином – тип на рак на дојка кој се карактеризира со повисоко ниво на протеин што може да предизвика побрзо размножување на клетките.
Иако ракот не се проширил на нејзините лимфни јазли, таа изјавила дека Софер не бил единствениот што се грижел за нејзината одлука да ги избегне традиционалните третмани.
Мајката на две деца признава дека дури и на најблиските роднини во Австралија не им кажала за своите планови, стравувајќи од нивното неодобрување.
„Не им кажав на моето семејство во Австралија, дури ни на родителите. Не сакав да ги ставам во ситуација да се грижат од далечина, знаејќи дека моите избори се различни од она што тие можеби го сметале за добро за мене.Најтешкиот дел беше донесувањето одлука како да се излекувам. Најтажниот дел беше недостатокот на разбирање од луѓето блиски до мене“.

Во интервју за австралиската емисија „Today“ во септември, Мекферсон изјави дека нејзината одлука да избегне хемотерапија не била лесно донесена.
„Само за да бидам јасна, побарав многу медицински совети. Беше многу интересно, затоа што секој доктор имаше различно мислење за тоа како да се третира мојот специфичен случај на рак на дојка. Немаше јасен пат, ниту пак гаранции во кој било правец. Затоа, едноставно донесов одлука врз основа на сите информации што ги собрав и на тоа што ми се чинеше правилно“.
Мекферсон сега е во ремисија и се чувствува одлично. Таа изјави дека е „здрава“ веќе долго време.

Коментирај анонимно