Ел Салвадор планира да изгради Биткоин Сити во подножјето на вулканот, а претседателот на таа држава тврди: „Градот ќе има се“
Латиноамериканската држава Ел Салвадор планира да изгради Биткоин Сити во подножјето на вулканот. Биткоинот ќе се користи за финансирање на проект за градење град, најави претседателот на земјата.
Обликот на градот треба да биде кружен, да претставува облик на голема паричка, а планирано е да се изгради во југоисточниот регион Ла Унион, изјави Наиб Букеле, претседател на Ел Салвадор.
Градот би ја користел топлинската енергија на вулканот Кончагуа за да ископува биткоин, а Ел Салвадор неодамна стана првата земја во светот што ја користи таа криптовалута како законско средство за плаќање.
Овој потег доведе до големи протести поради стравувањата дека криптовалутата може да донесе нестабилност и инфлација во оваа сиромашна јужноамериканска земја.
Обраќајќи им се на гласната толпа на промотивен настан за биткоин во крајбрежниот град Мизати доцна минатата сабота, Букеле им вети на граѓаните дека планираниот град „ќе има се“.
Станбени населби, комерцијални населби, услуги, музеи, забава, кафулиња, ресторани, аеродром, бродско пристаниште, железница – сето тоа е посветено на биткоинот, изјави 40-годишниот претседател на Ел Салвадор.
Тој додаде дека во градот ќе важи само еден данок, ДДВ, а половина од приходите ќе бидат искористени за „надградба на градот“, додека остатокот ќе се користи за одржување на улиците „средени и чисти“.
Букеле не прецизираше кога треба да започне работата на Биткоин Сити, но тој процени дека поголемиот дел од јавната инфраструктура треба да чини околу 300.000 биткоини, што е вртоглава цена, доколку се претвори во обични пари.
Еден биткоин моментално вреди околу 50.000 евра. Ел Салвадор го воведе биткоинот како законско средство за плаќање, покрај доларот, во септември оваа година. Ова значи дека компаниите, секогаш кога е можно, се принудени да прифатат плаќање во таа криптовалута.