Еве како човек успеа да реши мистериозно убиство старо 30 години, со помош на интернетот и упорноста

На 17-годишна возраст, Тод Метјус слушнал за нерешената мистерија околу смртта на жртвата позната едноставно како „Девојче од шаторот“ и си зел за задача да го открие нејзиниот идентитет. Девојчето било пронајдено мртво завиткано во обвивка од шатор во 60-тите години на минатиот век.

И покрај тоа што полицијата извршила истрага не можеле да го идентификуваат девојчето. Подоцна била погребана со надгробен споменик на кој пишуваше „Девојче од шаторот“. Тод слушнал за ова злосторство како тинејџер во 1987 година и решил да направи свое истражување.

Очигледно, во времето на смртта на девојчето, интернетот не можел да ѝ помогне на полицијата за да го реши, па Тод подоцна ова го искористил во своја полза. Бидејќи и самиот изгубил брат и сестра кога биле деца Тод чувствувал тага поради девојчето кое немало име на споменикот.

Токму таткото на девојката која подоцна му станала и сопруга го открил телото на девојчето. „Имав 17 години и беше близу Ноќта на вештерките, па раскажувавме приказни за духови. [Мојата сопруга] објасни како нејзиниот татко го нашол телото покрај патот завиткано во обвивка од платно од шатор и како бил создаден гроб на кој имало нејзин лик.“, раскажува Тод.

На 17 години, тој започнал рачен процес на истраги од разгледување написи во весници, разговор со човекот кој го пронашол телото и телефонски повици. И покрај тоа што со години работел на истрагата без резултат со појава на интернетот во 90-тите години решил да направи веб-страна со надеж дека ќе го реши злосторството.

Преку интернет пребарувања за исчезнати членови на семејството, Тод наишол на жена од Арканзас која ја барала својата исчезната сестра која последен пат е видена во Лексингтон, Кентаки – на кратко растојание од местото каде што живеел – во 1967 година.

„Тогаш ми стана јасно дека токму ова го барав.“, вели Тод. Телото на девојчето подоцна било ексхумирано во 1997 година, а полицијата успеала да потврди дека тоа навистина било тело на Барбара Хакман Тејлор, за која пишувала сестрата на страната за исчезнати лица. Убиецот на Барбара не е откриен, но главен осомничен бил нејзиниот сопруг со кој имала 8-месечна ќерка и кој не го пријавил нејзиното исчезнување, затоа што наводно си заминала со друг маж. Тој починал од рак во 1987 година и неговата вина не била докажана.

Следејќи ја неговата успешна истрага и како што напредувал интернетот, Метјус продолжил да помага во изработката на првата база на податоци за исчезнати и неидентификувани лица.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.