Еве како изгледа подземниот град откриен во Турција, кој најверојатно бил засолниште за раните христијани

Археолозите во југоисточна Турција откопаа огромен подземен град кој бил изграден пред речиси 2.000 години и можел да биде дом на до 70.000 луѓе. Подземниот комплекс можеби бил заштитен простор што раните христијани го користеле за да избегаат од римското прогонство.

Првите подземни комори на античкиот комплекс беа пронајдени пред околу две години, за време на проектот за чистење и зачувување на историските улици и куќи во областа Мидјат во провинцијата Мардин.

Работниците на проектот најпрво открија варовничка пештера, а потоа премин во остатокот од скриениот град, изјави Гани Таркан, директор на музејот Мардин и раководител на ископувањата, за агенцијата Анадолу, во сопственост на турската влада. Според тоа, некои од локалното население веќе знаеле дека има пештери под Мидјат, но не знаеле дека постои цел подземен град, изјави Таркан за Лајв Сајнс.

Сега, 49 комори се откопани во колосалниот комплекс, како и поврзувачки премини, бунари за вода, силоси за складирање жито, простории на домови и места за богослужба, вклучително и христијанска црква и голема сала со симболот на Давидовата ѕвезда на ѕидот, која се чини дека е еврејска синагога.

„Артефактите пронајдени во пештерите – вклучувајќи монети од римската ера и маслени светилки – укажуваат на тоа дека подземниот комплекс бил изграден некаде во вториот или третиот век од нашата ера.“, изјави Таркан.

И има уште голема површина за ископување. Таркан проценува дека помалку од 5% од подземниот град, сега познат како Матиате, е истражен досега – површина од над 10.000 квадратни метри. Тој мисли дека целиот комплекс можеби е поголем од 400.000 квадратни метри површина и би бил доволно голем за да прими помеѓу 60.000 и 70.000 луѓе.

Можно е градот првично да служел како засолниште: „Прво бил изграден како скривалиште или област за бегство“, предложи тој.

„Христијанството не беше официјална религија во вториот век и семејствата и групите кои го прифатиле христијанството главно се засолнувале во подземните градови за да го избегнат прогонството на Рим“, рече Таркан. „Веројатно, подземниот град Мидјат бил еден од просторите за живеење изградени за оваа намена.“

Античките географи напишале дека јужниот регион на денешна Турција бил населен со христијани пред неговите поцентрални делови и дека христијаните во областа биле жестоко прогонувани, не само од Римјаните, туку и од Персијците во четвртиот век.

Средновековните патници во регионот во време на војна, исто така, објавија дека нашле цели градови и населби целосно празни од жители и затоа е можно жителите всушност да се сокриле под земја на овие места.