Еве како поради Џенифер Лопез секој од нас денес може да пребарува фотографии на Гугл

Денес е многу лесно да дојдете до било какви фотографии на интернет, од оние на познатите личности, па се до пејсажи и работи поврзани со вашето хоби или професија. Но, не било секогаш така. Некогаш интернетот беше составен само од „безбоен текст“ и фотографиите не беа нешто што можеа да се изберат со посебна опција.

Како што напиша поранешниот извршен директор и извршен претседател на Гугл, Ерик Шмит: „Луѓето сакаа повеќе од само текст. Ова првпат стана очигледно по доделувањето на Греми наградите во 2000 година, каде Џенифер Лопез носеше зелен фустан кој, добро, го привлече вниманието на светот. Во тоа време, тоа беше најпопуларното барање за пребарување што некогаш сме го виделе. Но, немавме сигурен начин како тоа да им го овозможиме на корисниците. Откако Џеј Ло го облече тој фустан се роди Google Image Search.“

Во тој момент компанијата псотоела само 2 години со многу мал број на вработени и сите таму во тоа време биле убедени дека треба да се направи пребарувач за фотографии, но тие не биле сигурни колку приоритет да му се даде. Кога се случил моментот на Лопез, во февруари 2000 година, станало толку јасно дека ова е важно, но немале кој да го стори тоа.

Подоцна тоа лето, Гугл го ангажираше неодамна дипломираниот Хуикан Жу како инженер и за негов партнер ја ставиле Сузан Војчицки, сегашен извршен директор на Јутјуб, која тогаш била менаџер за производ. Тие работеле заедно за да го направат пребарувачот и го пуштиле во употреба во 2001 година.

Донатела Версаче ја покажа својата колекција за жени Пролет 2020, базирана на зелен фустан со принт на лисја, кој Џенифер Лопез го носеше на Греми 2000 година, заедно со приказната за настанувањето на Google Image Search.