Фотографска измама! Приказната за селаните кои го зголемија бројот на туристи со „измама“

Округот Ксиапу во провинцијата Фуџијан покрај Источното Кинеско Море е популарна туристичка дестинација која со години ги привлекува патниците со живописни сцени од селскиот крајбрежен живот. Но, неодамна беше откриено дека оваа рурална идила од фотографиите е само измама.

Зад смирувачките фотографии на осамени рибари на отворено море се крие толпа туристи вооружени со камери и воки-токи кои му кажуваат на „моделот“ што да прави и како да позира. На некои места, дури, се напишани инструкции како да се направи совршена фотографија.

Локалните жители се подготвени да направат сѐ за да привлечат туристи и да ги задоволат посетителите – со мала финансиска иницијатива ќе ја осветлат реалноста, така што нивните гости ќе добијат совршена фотографија за паметење од нивното патување.

Според Њјорк тајмс, локалните жители дури користат специјални ефекти за да им понудат на туристите совршена фотографија. Една од честите фотографии во Ксиапу е сцена на селанец во традиционалната капа на оваа област што води бивол низ магливата шума.

Маглата всушност е чад што се „добива“ со согорување на сено, а биволите се само „статисти“ бидејќи овие животни не се одгледуваат во Ксиапу многу години.

Идиличните сцени се индиректна последица на напорите на владата да го поттикне руралниот туризам, но и сеприсутната носталгија на луѓето за некогаш помирниот и едноставен начин на живот.

И иако нема ништо лошо во тоа да направите совршена фотографија од одмор, па дури и да платите некого да позира за вас, многумина негодуваат што сцените се прикажуваат како автентични моменти на Ксиапу на социјалните мрежи.