Ѓаволски пијалок за неверниците: 5 ситуации во кои кафето било (речиси) целосно забрането

Историјата понекогаш може да биде црна како кафето. И овој скапоцен пијалок го почувствува ова на своја кожа, благодарение на кој човештвото сè уште функционира со секое ново утро. Освен што буди, ја крева енергијата и ја зголемува концентрацијата, ги обединува луѓето во општествените ритуали, а во некои култури е дури и посредник во кавгите.

Меѓутоа, сето она што нè тера да го сакаме некогаш го направи мета на некои владетели во историјата. Еве пет примери каде кафето било (речиси) забрането.

1. Мека: „Поттикнува радикално размислување“.

Поради верувањето дека кафето поттикнува „радикално размислување“, и дека како такво може да ја обедини опозицијата, донесена е забрана за консумирање кафе. Покрај тоа, зрната кафе ги користела една религиозна гранка како стимуланс за време на ритуалите, што го направило уште поозлогласено.

2. Италија: „Пијалокот на сатаната е толку вкусен што би било штета да им се остави на неверниците“.

Забрана за кафе во Италија? Светот навистина понекогаш може да тргне наопаку… Кога кафето пристигнало во Италија кон крајот на 16 век, свештенството било вознемирено затоа што го сметале за сатанистички чин. Тие вршеле притисок врз владата да воведе забрана за овој пијалок. Сè додека еден ден папата Климент VIII не пробал шолја кафе и се воодушевил.

Анегдотата вели дека тој дури рекол: „Овој сатанистички пијалок е толку вкусен што би било штета да им се остави само на неверниците“. Хм… Но, како и да е, кафето доби благослов. И буквално: папата, заклучувајќи дека е подобро за народот од алкохолот, дури наводно и ги благословил неговите зрна. Првото кафуле наскоро било отворено во Рим.

3. Константинопол: Кој пие кафе, ќе плови по Босфор

Кога султанот Мурат IV дошол на власт, кафето, алкохолот и тутунот биле забранети. Некои тврдат дека султанот бил толку решен да ги искорени пороците од земјата, што знаел да се маскира и лично да патролира по улиците на градот во потрага по криминалци. Казните се движеле од обично тепање првиот пат, до фрлање во Босфорот ако ве фатат по втор пат. Само да знаеше султанот дека денес има „турско кафе“ или уште полошо – над 500 Старбакс низ Турција.

4. Шведска: Тестирање кафе на осуденици на смрт

Интересно, имајќи предвид дека Швеѓаните денес се едни од најголемите конзументи на кафе во светот. Кампањата против кафето започна во 1746 година со зголемување на данокот на кафе, а подоцна и целосна забрана.

Кралот Густав III дури наредил експерименти врз двајца затвореници осудени на смрт. Лекарите требало да ги опијат – едниот со чај, а другиот со кафе – за да го измерат штетното влијание на кафето врз телото и евентуално пократок животен век во споредба со оние кои пијат чај. На крајот двајцата доктори задолжени за експериментот починале пред самите пациенти, па експериментот бил прекинат. Конечно, самиот Густав III бил убиен пред двајцата осуденици. И тогаш прв умрел тој што пиел чај…

5. Прусија: Пивото секогаш мора да победува

Фредерик II Во 1777 година толку се иритирал што кафето го украло вниманието и клиентите на пивото, што издал цел манифест објаснувајќи зошто пивото е подобро. Тој потсетил дека „Неговото височество израснало на пиво“, и дека бројни битки добиле војници кои пиеле пиво. Неговата кампања против кофеин траела со години, но љубителите на кафе продолжиле да го пронаоѓаат својот пат и покрај зголемените даноци.