Глазгов ќе влезе во историјата како првиот град во Обединетото Кралство кој отвори центар за безбедна употреба на дрога – но што мислат локалните жители за тоа?

Овој потег на шкотската влада има за цел да им помогне на луѓето кои се борат со зависноста, нудејќи им поддршка, безбедна средина и чисти игли. Центарот, наречен Thistle, е наменет за справување со зголемената криза на смртни случаи поврзани со дрога. Годишно ќе добива до 2,7 милиони евра, откако загрижувачките податоци од Националниот регистар на Шкотска покажаа дека бројот на смртни случаи поради употреба на дрога се зголемил. Во 2023 година, 1.172 лица починале од злоупотреба на дрога, што претставува зголемување од 12% во споредба со 2022 година. Дополнителен проблем е и преносот на заразни болести, како што е ХИВ, преку користење или споделување нечисти игли.

Иако шкотската влада признава дека центарот не е „магично решение“ за елиминирање на смртните случаи и штетите од дрога, премиерот Џон Свини изјави дека Thistle е „значаен чекор напред“.

Ова не е само чекор напред за луѓето со зависности, туку и за јавноста, која често сведочи на суровата реалност на употреба на дрога на улиците.

Според извештај на NHS, проценето е дека „400 до 500 луѓе редовно инјектираат дрога на јавни места во центарот на Глазгов.“

Поддршка од локалните жители

Сопственичката на еден бизнис во Глазгов, Ејми Хендерсон, е воодушевена од идејата за центарот, и покрај контроверзиите околу него.

Ејми, сопственичка на салон за убавина Miss Amy’s на западната страна од Глазгов, вели дека е секојдневие да се гледаат зависници на улиците, со „ќесички од дрога и импровизирани лулиња за крек“ како дел од градската реалност.

„Мислам дека ова е одлична идеја. Ова ги трга зависниците од улиците, ги прави улиците почисти – без игли, ќесички од дрога и други остатоци. Ќе спречи децата и граѓаните да бидат вознемирувани од таквите сцени, а истовремено ќе спречи луѓето да се собираат на јавни места, како паркови. Верувам дека ќе се намалат смртните случаи и ќе спречи да наоѓаме луѓе починати на улиците од користење нечиста опрема.“

 

Ејми додава дека центарот не само што ќе ги заштити луѓето со зависности, туку и ќе ги хуманизира:
„Како локален жител, сметам дека луѓето кои се борат со зависности навистина имаат потреба од место каде што можат да одат, каде што можат да се сретнат со други луѓе како нив – место кое е безбедно. Многумина од овие луѓе на улиците често се физички и вербално нападнати од минувачи поради нивниот начин на живот. Но, реалноста е дека тие се сѐ уште луѓе, и не сите од нив се лоши. Лоши луѓе има и меѓу трезните. Без разлика на вашиот начин на живот, секогаш ќе има луѓе што судат.Затоа мислам дека ваквите центри 100% ќе ги направат зависниците побезбедни и ќе ги направат нашите улици побезбедни“.

 

Како функционира The Thistle?

Центарот, кој е прв од ваков вид во Обединетото Кралство, се наоѓа во Здравствениот центар на Хантер Стрит и е отворен 365 дена во годината, од 9 до 21 часот.
Тој располага со осум индивидуални кабини за инјектирање, зона за опоравување, приватни соби за разговор, простор со книги, топли напитоци, туш, облека и надворешно засолниште за пушење.

Дополнително, има и две здравствени простории каде што се достапни тестирања за заразни болести, како и поддршка од здравствени работници и организации.

Ова е прв центар во Обединетото Кралство, но слични установи постојат во повеќе од 100 локации низ светот. Португалија е водечки пример, каде што, покрај отворањето вакви центри, во 2001 година донесе и закон за декриминализација на поседувањето дроги.

Овие мерки доведоа до драстично намалување на нови инфекции со ХИВ и смртни случаи од дрога во првите години, иако во подоцнежните години резултатите беа побавни. Сепак, употребата на дрога и смртните случаи во Португалија остануваат под европскиот просек, додека Шкотска е на врвот на таа листа.

Ќе успее ли проектот во Глазгов да стави крај на смртните случаи и злоупотребата на дрога? И може ли Шкотска да го следи примерот на Португалија со декриминализација? Само времето ќе покаже.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *