Глуп и поглуп, радовишка верзија: Решиле да ограбат казино, но го „промашиле“ пленот, а „освоиле“ пат до затвор

Грабеж на казино, не е невообичаена работа, но овие крадци од Радовиш се надминале себе кога станува збор за неуспешна кражба. Тројца пријатели одлучиле да ограбат казино во Радовиш и да избегаат со пленот. Сепак „сѐ што лета не се јаде“ или во овој случај, сѐ што е во коверта во казино не се пари.

Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(27) од Радовиш поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „разбојништво“ по член 237 став 4 и „спречување на докажување“ по член 368 и против М.Т.(22) и О.А.(21), двајцата од село Покрајчево, радовишко, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 од Кривичниот законик.

Разбојниците М.Т. и О.А. украле две коверти, надевајќи се дека внатре ќе има пари, но „за жал“ внатре имало еден куп исплатени тикети кои вработените си ги чувале во ковертите. Можеби би било корисно да го провереле пленот пред да ја изведат оваа „софистицирана“ кражба.

На 09.05.2022 во 04.00 часот, М.Т. и О.А. со закана со пиштол и нож кон вработени во казино на улица „Свети Спасо Радовишки“ во Радовиш одзеле два коверти со исплатени тикети за кои сметале дека има пари. После тоа, К.К. ги фрлил предметите со кое било извршено делото во канал во близина на с.Раклиш, радовишко. По преземени мерки, полициски службеници од ОВР Радовиш ги пронашле предметите. Исто така, при претрес во домот во кој М.Т. живее под наем, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и две дробилки со остатоци од марихуана. На 16.05.2022 лицата биле лишени од слобода и во службен разговор со полициски службеници го признале делото. Во текот на денот тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка од Основен суд Струмица.

Разбојниците дефинитивно ќе треба да си најдат „обична“ работа, затоа што и не им оди баш најдобро во разбојништвото.