Големи подземни резерви на злато откриени во јадрото на Земјата
Вулкански карпи богати со скапоцени метали, кои се издигнале од самото јадро на Земјата, се откриени на Хавајските Острови, објави списанието „Nature“. Иако првично станува збор за редок метал од платинската група – рутениум – неговото невообичаено изобилство укажува на постоење на големи резерви и на други вредни супстанции, меѓу кои и злато.
Метали од јадрото на Земјата пристигнуваат на површината
Според проценките на геолозите, дури 99% од скапоцените метали на Земјата се наоѓаат во нејзиното јадро, додека само 1% се распределени низ мантијата и кората. Причината лежи во нивната висока густина – во раната историја на планетата, гравитацијата ги привлекла најтешките елементи кон центарот.
Јадрото на Земјата е метално и се состои од цврст внатрешен дел, со големина слична на Плутон (околу 2400 километри), и течен надворешен слој дебел околу 2200 километри. Овој стопен дел создава електрични струи, кои пак генерираат моќно магнетно поле што ја штити Земјата од космичко зрачење.
Сепак, сега научниците сè повеќе се убедени дека дел од овие метали, вклучувајќи рутениум, злато и платина, може да избијат од јадрото и да се издигнат кон површината преку процес наречен мантилен пердув – вертикален тек на исклучително топол материјал што потекнува од границата помеѓу јадрото и мантијата.
Хавајски острови: сведоштво за подземно богатство
Овој феномен веќе се забележува под Пацифичката плоча, во регионот на Хавајските Острови. Според геолозите, токму овој мантилен пердув го формирал архипелагот пред милиони години. Островите се претежно составени од базалт – зацврстена лава што потекнува од длабоките слоеви на Земјата.
Во карпите на островите Кауаи и Камаеуканалоа се пронајдени рутениум и волфрам, при што хемиската анализа открила дека рутениумот потекнува од јадрото. Ова се докажува преку откривањето на негов редок изотоп – рутениум-100, кој речиси не се среќава во мантијата или кората.
— „Сфативме дека буквално наидовме на злато. Нашите податоци потврдија дека материјалот од јадрото, вклучувајќи злато и други скапоцени метали, се движи кон површината на Земјата,“ изјави за Phys.org геохемичарот Нилс Меслинг од Универзитетот во Гетинген.
Ова откритие се надоврзува на претходни истражувања кои покажаа дека внатрешноста на Земјата може да содржи и огромни резерви на водород – потенцијален извор на енергија кој би можел да го снабдува човештвото во наредните 170.000 години.
Коментирај анонимно